Работата на Бек направи револуција во дијагнозата и третманот на депресијата и другите психолошки нарушувања, пренесува „Гардијан“.
Бек починал рано наутро, информираат од Институтот за конгнитивно-бихејвиорална терапија, чиј основач е тој.
Бек го разви полето на когнитивно-бихејвиоралната терапија, клиничка форма на психотерапија, на Универзитетот во Пенсилванија во 1960-тите.
Терапијата ги поттикнува пациентите да се фокусираат на нарушувањата во нивното секојдневно размислување, наместо на конфликтите закопани во детството. Освен депресија, Бек се занимавал и со булимија, панични напади, опсесивно-компулсивното нарушување и зависноста од дроги.
Тој го развил третманот откако открил дека неговите депресивни пациенти често доживуваат искривени негативни идеи – кои ги нарекол „автоматски мисли“.
Како млад психолог, Бек вршел експерименти со кои ја поништил Фројдовата теорија дека луѓето се депресивни бидејќи поради некоја причина, сакаат да страдаат. Тој заклучил дека депресијата не излегува од мазохизмот, како што верувал Фројд, туку од ниска вредност за себеси.
За разлика од фројдовската психоанализа, која навлегува во детството на пациентот и бара скриени внатрешни конфликти, когнитивната терапија вели дека вртењето околу самоомаловажувачкиот внатрешен монолог е клучно за ублажување на многу психолошки проблеми.
Тој ја промовираше идејата со антифројдовска максима: „Има повеќе на површината отколку што се гледа“.
Бек открил дека пациентите кои учат да ја препознаваат погрешната логика на нивните негативни автоматски мисли – како што се: „Секогаш ќе бидам неуспех“ или „Никој не ме сака“ – може да научат да ги надминат своите стравови и да размислуваат порационално, што би ја намалило нивната анксиозност и им го подобрило расположението.
Тој открил дека резултатите траат долго по завршувањето на терапијата, бидејќи пациентите учат сами да се соочат со тие мисли.
Бек е автор на над 17 книги и 500 студии и е наградуван за својата работа. Во 1982 година, американското списание „Психолог“ го прогласило Бек за еден од 10 највлијателни психолози.
Во 2004 и 2005 година тој приватно и јавно се сретнувал со Далај Лама и заклучиле дека будизмот и когнитивно-бихејвиоралната терапија имаат многу заеднички елементи.