Граѓанската иницијатива „АРСЕНА“ преку соопштение реагира до Државната референтна лабораторија за испитување на квалитет на води при ЈЗУ „Институт за јавно здравје на РМ“, откако вчера одбила да анализира примерок вода од градскиот водоводен систем во Гевгелија. Носителите на примерок вода од иницијативата „АРСЕНА“ биле одвратени со образложение дека е 8 март и дека немале реагенси за некои од елементите за испитување, велат од иницијативата.
„Наместо решенија, сведоци сме дека институциите се затвараат во своја одбрана. Денеска не ги примија примероците вода од Гевгелија и Богородица, каде жителите се жалат на неиспавен квалитет на водата од градскиот водоводен систем од Гевгелија. Ни рекоа дека знаат за арсенот и дека водата е забранета за употреба. Од што се плашат тогаш? Од член 234 од Законот за водите на РМ, кој ги погодува сите оние институции и раководни лица кои дозволиле арсенот и после триипол години од изречената забрана за употребаи и понатаму да се испорачува низ градскиот водоводен систем во Гевгелија“, прашуваат од АРСЕНА.
ЈЗУ „Институт за јавно здравје на РМ“ работи во состав на Министерството за здравство. Ова институција по закон е должна после секоја негативна анализа да реагира соодветно одредбите на Законот за води и Правилникот за квалитет на води. Досега, граѓанската иницијатива „АРСЕНА“ има направено четири анализи за вода и ги достави до девет надлежни институции во државата со цел да се превземат мерки за заштита на населението и да се обезбеди чиста вода за пиење за гевгеличани.
Со анализите на вода во октомври, минатата година, „АРСЕНА“ апелираше на високо ниво на арсен во гевгелискиот водовод, барајќи да се преземат конкретни мерки до Министерство за здравство на РМ, Агенција за храна и ветеринарство на РМ, Агенција за храна и ветеринарство на РМ – ПЕ Гевгелија, Државен инспекторат за води, Министерство за животна средина и просторно планирање, Државен здравствен санитарен инспекторат, Дирекција за храна и ПРЕСТАВКА до Јавното Обвинителство на РМ – Подрачно Одделение Гевгелија.
„Наместо да му ‘пресудат’ на отровниот арсен во гевгелиската вода институциите ги затворија своите работни надлежности пред граѓаните. До кога институциите ќе работат во корист на власта, наместо да му служат на народот и за доброто на граѓаните? Гевгеличани уште чекаат чиста вода без отровниот арсен!“, стои во соопштението.