Поранешниот директор на основното училиште „Лазо Ангеловски“, Перо Арсеновски со демант до медиумите тврди дека не е разрешен од функцијата, туку дека му е истечен мандатот од 4 години, кој престанува по сила на закон.
Општина Аеродром вчера соопшти дека Арсеновски е „разрешен од функцијата директор“, односно дека училиштето добило нов в.д. директор со што дошло до престанок на неговиот мандат. Оттаму рекоа дека за него имало бројни поплаки и дека со неговото однесување предизвикал бурни реакции во јавноста и нанел голема штета на училиштето.
Истовремено, Арсовски преку решение од Апелациониот суд посочува дека се укинати сите времени мерки од првостепена постапка која се водела против него за предлог за изрекување привремена мерка за заштита од семејно насилство.
„Потенцирам дека со Решение на Апелациониот суд е укинато Решението со времените мерки на првостепениот суд, оттука неосновани се вашите обвинувања во вашата објава“, стои во објавата на Арсеновски, кој до медиумите испрати и документи.
Претходно во декември минатата година, Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права информираа дека Граѓанскиот суд во Скопје утврди постоење на насилство од директорот на „Лазо Ангеловски“ кон вработена во училиштето. Тие ја поздравија одлуката на Граѓанскиот суд и ги потсетија институциите, особено локалната власт, дека образовните институции и средини не смеат да толерираат, игнорираат, а уште повеќе поддржуваат родово заснованото насилство. Истовремено, реагираа дека директорот е се’ уште на својата позиција, а вработената во текот на 2021 година добила отказ.
Разрешен директорот на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче