Арсовска контра Владата, тврди дека предложила план за превозот и отпадот, а прстот за блокадата на Скопје го вперува кон советниците

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска денеска излезе на прес-конференција и целата состојба со хаосот со автобускиот превоз и нечистотата на главниот град ја впери кон советниците на Градот Скопје, тврдејќи дека тие ги блокираат програмите на јавните претпријатија.

За разлика од министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски вчера одржа средба со Арсовска и рече дека градоначалничката не излегла со ништо конструктивно, туку посебен план треба да биде доставен до Советот во четврток, сега Арсовска тврди дека таа изнела низа решенија, но потоа се случил „политички циркус“.

„Како што му предочив и на Мицкоски на вчерашната средба, јас не се натпреварувам за политички поени и се надевав дека тоа нема да биде нивната цел, меѓутоа, како што видовте од вчерашната прес-конференција, добивме само обиди за политички поени и за префрлање на топката назад, онаму каде не припаѓа. Предложив состанок на кој презентиравме решенија за надминување на блокадите во Советот на Градот Скопје, блокади кои ги креираат советниците кои три години ги држат скопјани како заложници, за тоа што не ги имплементираат оние политики кои се за доброто на нашите сограѓани“, рече Арсовска.

Според градоначалничката, од Градот предложиле на вонредна седница советниците да ја изгласаат програмата за работа на ЈП „Комунална Хигиена“ за јавна чистота.

„Предложивме и план за набавка на нови еколошки автобуси, и тоа понудивме советниците да формираат Комисија за набавка на новите автобуси која ќе ја спроведе целата набавка, а јас само да ја потпишам. Ова се дискутира пред секоја седница на Советот и се кажува дека доколку тие сметаат, оние услови за кои претходно гласале на мојот претходник и немале проблем да ги изгласаат новите автобуси во 2018-2019 година, не знам зошто не би било проблем сега истите, во интерес на граѓаните на Скопје – да ги гласаат за нови автобуси“, рече Арсовска, алудирајќи на тоа дека во времето на Петре Шилегов беа набавени 21 единечен и 12 зглобни автобуси од германскиот производител „МАН“, возила купени со заем во висина од 10 милиони евра подигнат од ЕБОР, а кредитното задолжување беше одобрено од Советот.

Арсовска тврди дека предложиле и старт на реализација на проектот БРТ, со кој градот Скопје би добил 60 нови автобуси.

„Побаравме Владата да го исплати долгот од 8 милиони евра кон ЈСП за бесплатниот превоз на студенти, за што одговорот што го добивме беше дека ќе го исплатат, со повлекување на средствата за изградба на новиот булевар во Визбегово, ‘Хасан Приштина’ што го сметаме за уцена на штета на граѓаните на градот Скопје, а не партнерски однос и решение“, рече Арсовска.

Понатаму, таа тврди дека сите нивни решенија повеќепати претходно се доставени до Советот и советниците, некои и над 20 пати, односно над 20 месеци, испратени се материјали од повеќе стотици страници на увид, и сите тие решенија се блокирани.

„Советниците блокираат планови за работа без кои претпријатијата не можат и не смеат да работат. Градот Скопје финансиски е консолидиран, буџетот е ликвиден, а претпријатијата за разлика од минатото за прв пат функционираат без владина поддршка во овој мандат. Ние не бараме пари од Владата, туку бараме политичка волја да се одблокира советот и донесат одлуките. Иако презентиравме план, не го прифатија и побараа од нас нов план, и беа изненадени дека и тоа го прифативме, бидејќи тие сакаат проблеми, а не решенија“, забележа Арсовска.

На прашањето зошто градот е нечист, со отпад на главните улици, а автобусите доцнат, се дотраени и некогаш не застануваат бидејќи се полни, таа повторно прстот го впери во „оние што ги носат, гласаат политиките“. Односно, вели таа, „никој не можете да очекувате нешто да спроведе, без тоа да биде поткрепено со закон“.

„Ниту јавните претпријатија можат да вработат 120 луѓе кои ги чистат улиците, доколку таа Програма не им е помината на Совет. Така, ќе бидат директни прекршувачи на закон и ќе имаат сторено кривично дело. Затоа проблемот треба да го барате кај оние што го прават. Доколку некој пред две години гласал тоа што е понудени, аргументирано, ние сега ќе имавме целосно нова флота на возен парк на ЈСП, ама, пак, тогаш ќе не можеше да се плука по Данела. Автобусите не ги ветуваше и Мицкоски? Точно, јас сум градоначалник, но скопјани гласаа за 45 советници кои во овој момент земаат 500 евра за една седница и на Советот не гласаат ништо. Зошто целата вина е кон мене, кога јас, да можев без нив – градот досега ќе беше среден. Јас бев ‘најдобриот градоначалник до септември 2022’, додека ‘не фативме нечии рачиња во медот’. Оттогаш станав ‘најлош градоначалник“, рече Арсовска.

Во однос на ветувањата за Пречистителната станица, зошто таа не е почната, вели дека прогресот бил во застој зашто општините Аеродром и Гази Баба имале застој во ДУП-овите што требале да ги донесат.

„Тоа, ниту е застој на ‘Водовод’, ниту е застој на Град Скопје, освен на единиците на локалната самоуправа кои требаше да ги донесат во нивните Совети. Во моментот кога ги донесоа ДУП-овите, од тој момент отпочнува процедурата за собирање и составување на документацијата која правно е неопходна за градежни дозволи и се’ она што е неопходно за проектот“, рече таа, на што дополни:

„Не би знаела да кажувам (зошто не е платена), ниту е тоа моја ингеренција, ниту е моја надлежност, ниту искрено треба да коментирам. Нашата насока е по извештаите кои ги добиваме од ЈП ‘Водовод’, од кое во првата година не ги добивавме, да бидеме информирани за текот на работите. Наша работа не е да се имплицираме. Во тие извештаи се укажува кој е прогресот. Во тој прогрес има редовни состаноци во кои банките, заедно со ‘Водовод’, со сите надлежни институции редовно ги повикуваат… Има тим кој работи на проект, и тие всушност известуваат за Пречистителната станица. Жал ми е што во 30 години не се направила, ова е меѓу најголемите и еко-капитални проекти кои му се случува не само на Градот, туку и на државата, и сметам дека е од круцијално значење да се направи“, рече Арсовска.

За набавката на автобусите, Арсовска повторно ги спомена ВМРО-ДПМНЕ.

„Секоја година по 50 автобуси ако набавувавме ќе имавме 150 автобуси. Можеа како Груевски да се одважат, па да купат автобуси. Но, тие не понудија ништо. Ми побараа нов план. Нема проблем, ние ќе правиме планови додека нив не им се допаднат“, рече таа.

Според градоначалничката, проблемот за ЈСП е комплициран, пред се’ затоа што 8 милиони евра има долг кој Владата не си го плаќала, а други години имало дотации и од 15 милиони од централната власт.

„Но, сега 4 години нема никаква помош од централната власт и тоа во време кога имаше енергетска криза и зголемени беа цените на реагенсите“, посочи Арсовска.

Градоначалничката, меѓу другото е против укинување на слободниот автобуски превоз за студентите:

„Не го прекинуваме слободното возење за студентите. Има зошто се вика студентски стандард. Најдете јунак кој ќе каже дека не треба да им се плаќа на студентите за тоа. Тоа е владина одлука донесена пред 10 години“, рече таа.

Бојан Шашевски