Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска се сретна со претставници на граѓанските здруженија „Го сакам Водно“ и „Иницијативата O2“, на која разговараа за реализација на иницијативата за предлог-законот за заштита на Водно.
Како што соопштува Град Скопје, Арсовска посочила дека Водно и Скопје се неразделно поврзани, a со насилната и нелегална урбанизација се загрозува овој зелен штит на градот и не треба да се дозволи узурпација на овој значаен дел од Скопје.
„Се обврзавме на заштита на Водно, со обезбедување дополнителен степен на законски регулирана заштита во интерес на Скопје и скопјани. Започнавме со креирање предлог решение за законски обезбедување заштита на Водно, со што инициравме Закон за заштита на Водно“, вели Арсовска.
Предлог-законот, посочуваат од Градот, ќе биде поднесен до Собранието. Истовремено, информираат дека заедно со граѓанските организации започнале постапка во градската програма за 2022 година да се издвојат средства и за изработка на Просторен план за Водно.
Од „Го сакам Водно“ велат дека се задоволни од заложбите на градоначалничката, а истовремено будно ќе го следат процесот и како сите инстанци ќе работат на случајот. Особено што активистите веќе четири години апелираат за создавање специјален закон за Водно.
„Само така може да ги опфатиме сите аспекти за заштита за и од Водно. Во таа смисла овој предлог-закон, колку што сме ние во комуникација со градските власти, би го опфатил целокупното решавање на проблемот со Водно. И во рамките на негова заштита од урбанизација, и заштита на биолошкиот диверзитет, и заштита на градот од поплави и ерозии… Односно, се’ што влегува во интегралната структура на Водно. Предлог-законот ќе се однесува на специјален закон за Водно, lex specialis. Такви се нашите заложби“, потенцира Татјана Стојановска од „Го Сакам Водно“.
Паралелно, вели таа, мора да се води процесот и за Просторниот план за Водно, кој би определил што, како и каде смее да се прави на скопската планина.
Бојан Шашевски