Буџетот на МКЦ не е скратен, нема никаква партизација, ниту нерегуларност со новиот в.д. директор детектив, туку претходниот директор во МКЦ има направено незаконски дела, тврдеше денес градоначалничката Данела Арсовска, која се појави на прес-конференција во Град Скопје, откако вчера претходно протестна акција таму најавија од неформалното движење „Сите за МКЦ“.
Ова следува по неделниот одржан протестен музички собир пред култниот Центар. Се собраа над 1.000 рачни потписи, а од завчера и над 5.000 онлајн потписи за враќање на буџетот на МКЦ на 25 милиони и за спроведување фер и конкретен конкурс за избор на директор.
Арсовска пред новинарите кажа дека ја разбира загриженоста на јавноста и културните работници. Истовремено, вели дека нема кратење за буџетот на институцијата.
„Минатата година на МКЦ од основниот буџет на Град Скопје му биле одобрени 10,7 милиони денари, а оваа година 8,7 милиони денари. Што се однесува на сумата што се одвојува за дотации (државни средства н.з.) на Градот Скопје во минатата година биле одобрени 34 милиони денари, додека оваа година – повторно 34 милиони денари. Намалувањето во вкупен износ е незначително и во ниту еден случај не е зашто Градот Скопје нема интерес оваа институција да функционира“, посочи таа, додавајќи дека МКЦ има над половина милион евра сопствени приходи, што ја прави една од најодржливите, но и профитабилни институции во Скопје и Македонија.
Арсовска тврдеше дека ниту му се вршело притисок, ниту досегашниот в.д Ванчо Богоев е разрешен, туку согласно закон му завршил мандатот, за потоа да каже дека „забележаните недоследности по годишната ревизија беа клучни за носењето на одлуката на Богоев“.
Обвини за преку 250 договори склучени за ангажирање, спротивни на закон.
„Тука не ги сметаме оние договори што се хонорарни и што се склучени со личности што работат во областа на културата, од областа на сценската, литературната, музичката и останатите уметности. Во 250-те договори, меѓу нив има и над 90 за времено ангажирање шанкери на кои им биле исплаќани од 350-700 евра за месец. Исто така, над 6,2 милиони денари се подигнати од сметката на МКЦ во готово“, рече таа.
Арсовска го избегнуваше нашето прашање дали новиот в.д. директор Никола Алексов, детектив по вокација, е преодно решение за да може после да дојде Арбен Шаќири, позиција ветена на локалните избори. Наместо за Шаќири и новопоставениот директор, Арсовска се надоврзуваше на обвинувања што дошле од Богоев.
„Тој (Богоев н.з.) има изјави со кои се обидува, знаејќи кои работи со оваа ревизија следат, знаејќи она што го правел во изминатите 12 месеци, да најде начин, нешто што ќе предизвика доволен притисок во јавноста, за да смета дека тоа може да биде начин да се повлече од ова што следи. Ова што е внатре во МКЦ, нема врска ниту со култура, ниту со одбрана на културата. Туку со одбрана на човек што злоупотребувал финансиски средства“, рече таа, покажувајќи повторно пред новинарите листови со хартија, кои досега Град Скопје не ги објави на својата официјална страна.
На новинарско прашање за врската меѓу културата и детективот, таа возврати со прашање „колку знаете културни работници кои работат во културата, а немаат завршено соодветно образование“?
„Дали некогаш сте се запрашале било кои од лицата што работат низ институциите, какво образование имаат? Еве програмските директори, половина од нив немаат соодветно образование. Дали се запрашал некој, зошто оној кое е раководител за соодветните културни дејности, е правник? Како уредникот на филмската програма има бизнис? Како уредникот на музичката програма е економски техничар? Зошто некој да биде дискриминиран поради образованието? Притоа, тој (директорот н.з.) треба да менаџира со институцијата, не треба да прави перформанси“, смета таа.
Активистите веќе изразија загриженост дека новиот в.д. директор Алексов дошол пред неколку денови преку Агенција за привремени вработувања, спротивно што налага Статутот на МКЦ – компетентен и квалификуван кадар одбран од вработените од институцијата, преку регуларен конкурс. Од друга страна, за Арсовска „сите процедури и закони се испочувани, а со тоа и Статутот“.
„Апсолутно треба да има нов конкурс. Ќе се објави нов конкурс. Но, нема да биде ништо на овој начин на кој господинот Богоев сака да биде. Сите постапки ќе бидат по прописи. Тоа ќе го направиме во интерес на МКЦ“, рече таа.
„Сите за МКЦ“: Центарот има културна и историска вредност, политиката да ги тргне рацете
Кон крајот на прес-конференцијата на Арсовска, надвор веќе се слушаа свирежи. Музичари, уметници и активисти пред градските бараки извикуваа „Сите за МКЦ“, но држеа и низа фотографии од десетици настани во Центарот. Еден од присутените беше Андреј Димовски, млад музичар од колективот „Гола планина“, кој го повтори барањето директорот биде избран на конкурс.
„Во МКЦ со сила се сменети брави, исклучен им е интернетот, сега има забрана за новинари да снимаат таму, мислам навистина е диктаторски и е кон луѓе кои се едни од малкуте што се во државна институција и навистина прописно си ја вршат работата. Насилство им се врши и се постојано во неизвесност, бидејќи не знаат дали ќе ја задржат работата. Сепак ние сме млади уметници, но они се возрасни луѓе со деца со жена и навистина е стресно“, рече Димовски.
Тој нагласи дека тука се да покажат дека не се работи само за објект, туку за институција што има културна и историска вредност, институција што му дала прилика да свири.
„МКЦ е солидарен простор и тврдам дека доколку би го немало, многу луѓе, вклучувајќи ме и мене би се исселиле, бидејќи е причината за останување“, рече Димовски.
Младиот музичар Мартин Џорлев дополни дека проблем е што се внесува политика во установа која работи легитимно. За него е срамотно да се угнети тоа што МКЦ има повеќе од десетици фестивали во беспрекорна состојба.
„Таму не само што се репрезентира наша култура во странство, странски бендови ги слушаат, странски промотери доаѓаат да ги слушаат македонските уметници, туку и странски уметници доаѓаат тука да ја шират нивната култура. Има една взаемна размена nа културите којашто се случува во МКЦ секојдневно. Да го угнетиш тоа со кратење на буџет е како да сечеш раце и нозе на државата и тоа не се толерира“, посочи Џорчев.
Според него, „дај боже да е буџетот како што вели Арсовска“.
„Но, ние мислиме дека ова сè што се случува е тешка пропаганда од градоначалничката. Значи документите постојат, ние ги видовме со наши очи. Значи сега ова што се обидува да се направи е да се измие цело ова наше движење и да личи како да е политичко движење против Арбен Шаќири. Ние не го правиме тоа. Кој и да биде директор, ние не веруваме дека Арбен Шаќири ќе биде лош директор ниту било кој. Ние бараме само МКЦ да остане и да го задржи својот интегритет што го имала и претходно. Ние се бориме за правичноста на установата. Се бориме за сè што се воведува, да се воведе како што треба“, посочи Џорлев.
МКЦ: Арсовска инсинуираше и неосновано обвинуваше
Програмскиот колегиум на МКЦ попладнево објави соопштение, со кое вели дека е шокиран и целосно згрозен од изнесувањата на прес конференцијата на градоначалничката на Град Скопје.
„Најостро ги демантираме изнесувањата на прес конференцијата кои содржат тешки инсинуации, неосновани обвинувања и податоци, како и непоткрепени информации целосно извадени од контекст. Истите тие се предмет на клевета согласно законските прописи и нивна цел е целосно нарушување на интегритетот на институцијата и вработените кои се предмет на овие обвинувања. За таа цел, свикуваме итна прес конференција во ЈУ Младински културен центар во петок, 27.01.2023 во 10 часот на кои ги свикуваме медиумите и заинтересираната јавност, за одговор од страна на МКЦ“, стои во реакцијата на Програмскиот колегиум на Центарот.
Хелсиншки комитет бара да се постапува законски со МКЦ
Откако пред неколку денови за случувањата во МКЦ се заинтересира Антикорупциска комисија, денеска се јавија и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Поради сомнежите кои ги посочуваат од МКЦ, Комитетот најави постапка пред повеќе надлежни институции со барање да се испитаат наодите во доставената документација.
„Доколку институциите утврдат дека целата постапка била незаконски спроведена, бараме во рамките на своите надлежности да утврдат одговорност кај сите засегнати страни. Хелсиншкиот комитет продолжува да ги следи случувањата и бара постапување со должно внимание од страна на сите надлежни институции“, посочија од Комитетот.
Од таму потсетуваат: Младинскиот културен центар е институција во кој изминатите 50 години од постоењето растеле многу генерации, тој е со долга и богата традиција на музички, ликовни, филмски, театарски настани и други културни и образовни содржини и е едно од вистинските обележја на градот Скопје.
„МКЦ е дел од културното наследство на градот, истовремено културен центар кој е соодветен на потребите на младите. Од тие причини не смее да биде жртва на какви било притисоци и политики на негово уназадување. И во изминатиот период бевме сведоци дека МКЦ беше жртва на незаконско постапување при обидите да се назначи директор што предизвика реакции во јавноста. И овојпат, според медиумите и вработените кои на Хелсиншки комитет му ја доставија целата достапна документација имаме основани сомненија дека се работи за незаконски постапки“, се вели во соопштението на Комитетот.
Бојан Шашевски