Артемис Фаул е една од првите книги кои си ги набавив на скопскиот саем на книгата. Тоа беше пред околу 18-20 години. Тогаш на саемот имавме точно две и пол полни хали на Скопски Саем, а покрај штандови на македонски издавачи, имаше и штандови на многу издавачи од Балканот, пред се од Србија и Хрватска. Вообичаено пред саем се прави мал или голем список на книги кои сакаш да ги земеш, па така беше и мојот случај. Но на крај секогаш се одлучував за наслови кои не ми беа на список за набавка. Сакав да земам нешто од Тери Прачет, па логично беше во тоа време да се најдат книги од Прачет на штандот на белградска Лагуна (најголемиот издавач од Србија) кои преведоа преку 20 книги од Дисксветот на Прачет. Но наместо да одберам книги од Дисксвет, до Прачет стоеја копии со наслов Артемис Фаул, а на задната корица во центарот пишува: „Ова е како Умри машки со самовили“. Во тој момент е малку чудно да го замислиш Вилисовиот Џон Мек Кејн како пука кон самовили, но самата реченица буквално побуди голем интерес кај мене за самата премиса, па конечно одлучив да го ставам Артемис Фаул во мојата книжевна колекција. Овен Колфер, писателот кој стои зад оваа идеја, има напишано преку десет книги со овој лик, со продажба која се движи на над 20 милиони примероци и преведена на над 30 јазици. Доволно успешно за да Фаул добие стрип адаптација, како и игран филм во продукција на Дизни која заврши во целост неславно. Најверојатно целта на Дизни за лошата продукција е да ги задржи авторските права за екранизација, со шпекулации за ТВ серија на нивниот стриминг сервис Disney+.
Артемис Фаул има 12 години, живее во огромен дворец кој го наследил од своите богати родители. Друштво му прави Дом, верен батлер (иако се навредува ако го наречеш батлер) и воен ветеран и експерт во многу боречки вештини. Според многу тестирања и класификации, Фаул е најумното дете во светот, никој не може да му припари. И наместо да прифаќа понуди од престижни универзитети и институции за да има богата кариера, со можност да израсне нешто налик на идниот Бил Гејтс или Стив Џобс, Артемис ги отфрла тие непотребности и го прифаќа животот на предизвикот, бидејќи Артемис Фаул има неверојатен криминален ум, крадејќи скапоцени и ретки артефакти од целиот свет. Но овие потфати се детска играчка за ова чудо од дете. Артемис верува дека самовилите не се продукт на митови и легенди и дека навистина постојат. Неговата потрага вродува со плод кога во Виетнам неговите раце ќе се дофатат на една мистериозна книга на самовилите. Не за самовилите, туку на самовилите, која му овоможува да стапне во нивниот свет. Артемис ќе успее да фати една самовила. Дали ова го прави со цел да докаже пред светската јавност и научната фела дека митските суштества се вистински? Апсолутно не. Артемис, како и секој генијален криминалец сака злато. Многу злато. Точно еден тон од 24 каратно злато. А самовилите ќе го сторат тоа доколку сакаат ја вратат својата припадничка назад, како и нивната тајна да остане негибната. Но Артемис Фаул наскоро ќе дознае дека не знае со што и со кого си има работа. Грабнатата самовила е Холи Шорт, припадник на специјалната воена единица LEPrecon (нешто како самовилска верзија на војници специјалци од типот на американските морнарички Фоки или руски Спецназ). А нејзните колеги не ги оставаат своите на цедило.
Играниот филм направи голема штета на овој книжевен серијал. И покрај тоа што крајниот продукт е неинспиративен, неинтересн, будејќи тотална рамнодушност, како за читателите, така и за оние кои првпат се запознаваат со ликовите на Овен Колфер, книгата не е такво нешто. Напротив, Артемис Фаул е забавна детска фантастика. Колфер го има креирано овој свет за примарно помлада публика, но ова нека не ве залажува. Артемис Фаул е за сите возрасти, иако не дораснува на нивото на светска популарност како Harry Potter, Diary of a Whimpy Kid или How to Train Your Dragon. Идејата дека самовили, кентаури, минотаури, гоблини, тролови и други митолошки битија се реалност не е нешто ново во фантазиска литература. Но од корен се менува концептот за митски битија кои остануваат заглавени во времето. На што мислам? Кога во првата книга се запознаваме со самовилите и останатите митски суштества, тие не живеат во шуми или пештери. Нивното живеалиште е во центарот на Земјата, блиску до жешкото јадро. Тие го комбинираат нивното знаење за древната магија со современа наука и технологија, па нивното општество функционира како еден вид на технолошко-волшебнички микс. Ова не е евидентно само во технологијата што ја користат, како летачки бродови кои трошат магија како гориво, туку и во помалите детали на секојдневниот живот. Кога LEPrecon единицата ќе испрати свои трупи во мисија да ја извлечат Холи од светот на луѓето, овде нема да се сретнеме со група на духови кои испраќаат вербални закани или морници по главниот лик, или самовили кои со заводничка песна ќе му заповедат на главниот лик да прави како што тие ќе посакаат. Овде имаме тотално спротивна ситуација, каде високо обучени самовилски специјалци користат современо оружје, па наместо дијамантски наметки и фустани, самовилите имаат воени униформи со магични панцири на граден кош, наместо магични стапчиња, самовилите располагаат со цел арсенал на сачмарки, пушки, снајпери и временски стопери поддржани со магиски ефекти. Кога започнува вистинската пресметка помеѓу LEPrecon и Артемис Фаул, тогаш разбирате дека се впуштате во еден динамичен и многу интересн акционен спектакл и зошто „умри машки со самовили“ има своја тежина. Светот на митските битија еволуира и држи расчекор со нашиот свет, секако со неколку одредени предности кои нам ни фалат.
Ако ви се допаѓа премисата на дете генијалец кое си ја бара невољата со магични сили, дајте и шанса на првата книга, па оттаму можете да продолжете со преостанатите книги кои делуваат како посебна приказна. А доколку ви се допаѓаат сетинзи каде технологија и магија се споени во современиот свет и сакате нешто повозрасно, тогаш испробајте ги Shadowrun видео игрите. Иако тие игри се повеќе како брејнсторм состанок на Џон Толкин и Вилијам Гибсон, тие се досега најдоброто нешто што е остварено на поле на вакви лимитирани идеи и далеку подобра опција од било која можна идна Дизни адаптација.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.