Основачот на сајтот „Виликис“ Џулијан Асанж нема да ја напушти еквадорската амбасада во Лондон се додека не добие гаранции дека нема да биде испорачан на властите во САД, јавуваат светските медиуми. Тие се повикуваат на изјавите на неговата адвокатка Џенифер Робинсон, а по најавите дека Асанж планира да ја напушти амбасадата во која престојува две години.
Таа не можеше да прецизира кога Асанж би можел да излезе од еквадорската амбасада, од чии власти во 2012 побара политички азил.
– Ќе излезе тогаш кога ќе биде можно да се преговара за условите за неговото излегување, а политичкиот азил, што го штитеше од екстрадиција, ќе биде почитуван, наведе таа, истакнувајќи оти до тоа не дошло.
Британскиот Форин офис веќе навести дека ставот на Министерството во врска со случајот на Асанж не е променет, туку како и досега, е посветен на пронаоѓање дипломатско решение. Асанж побара прибежиште во амбасадата во 2012-та, кога британските судови најавија дека би можело да биде испорачан во Шведска врз основа на наводите дека таму извршил сексуален претстап. Тамошните власти во јули потврдија дека и понатаму останува на сила налогот за негово апсење.
Асанж се плаши дека Шведска ќе го екстрадира во САД, каде е обвинет за шпионажа и незаконско објавување на доверливи документи, за кои е предвидена затворска казна од 35 години до доживотна робија.