„Единото средство коjе не можеше да ти биде ограбено, беше борбата. Таја остана најсилното оражие во твоите раце и ти помогна да не бидеш збрисан како народ” … „Од вас зависи дали Македонија ќе биде зандана за робови или слободна татковина на слободни луѓе” – од Манифестот на АСНОМ.
Зошто овие пораки звучат толку актуелно и 70 години подоцна и веројатно ќе остане така и долго после нас? Дали нивната актуелизација е поттикната од непризнавањето на вистински светлите моменти од македонската историја преку нејзино брутално ревидирање? Или пак, од континуираното омаловажување на борците од НОБ, последните живи херои? А можеби и поради тоа што во меѓувреме, на жртвите на комунизмот им се приклучија и жртвите на независна Македонија, па ни се насобра премногу јад на толку малку луѓе и квадратни километри?
Причините веројатно го содржат сето ова, но и многу повеќе, особено ако се обидеме да одговориме на клучното: каде сме сегa, дваесет и три години по разделбата со федерацијата. Но и до каде сме со демократските постулати на АСНОМ, усвоени на Илинден 1944, од страна на репрезентативно собрание составено од студенти, работници, правници, инженери, кројачи, трговци, чиновници, учители, свештеници, лекари… Декларацијата за основните права на граѓаните на демократска Македонија, донесена од страна таа разнолика дружина, ги вгради основните демократски принципи во темелите на македонската државност: еднаквост и рамноправност пред законите без оглед на народност, пол, раса и вероисповед, гарантирана сигурност на личноста и имотот, слобода на говор, печат, здружување, слободата на “сaвеста”.
Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија е клучната пресвртница што му се случила на овој народ, иако денес често ќе слушнете изјави од јавни личности дека АСНОМ бил погреб на нашата државност, небаре сме ја уживале таа привилегија векови претходно. Тоа е дел од трендот на хиперболизирана негација на се што е поврзано со периодот на социјализмот, колку и да е тоа неодговорно токму во однос на идентитетските прашања од кои си патиме.
Факт е дека реалната поствоена политика ги засени демократските постулати на АСНОМ, што предизвика да се погазат дел од тие принципи во корист на јакнењето на тоталитарните тенденции во новата држава меѓу Истокот и Западот. Но тоа во никој случај не може да го оспори значењето на Првото заседание на АСНОМ. Јасно е дека историјата треба да се прочистува од идеолошки примеси, но не преку замена со нови идеологии, со негација на сите достигнувања од прогресивните историски периоди, и секако не преку инсталирање митови. Значи, каде сме и до каде сме, се вистинските прашања денес, без оглед што во јавниот дискурс доминираат оркестрирани теми околу тоа каде бевме во меѓувреме или каде сме биле пред две илјади години.
Седум децении подоцна на Македонија и се случува систематско отклонување од асномските принципи. Но, не бидејќи сме поставиле подобри и посоодветни на новата реалност, ниту пак дека денес се водиме од вредности кои ги надраснуваат оние што беа утврдени на првото народно собрание во Македонија. Каква е мисијата на денешните неоконзервативци, антикомунисти и ексклузивни патриоти- освен што над нивното владение виси поразителниот факт дека се она што не чинеше во минатиот систем, па ако сакате и во мачната, фрустрирачка транзиција, се надградува и проширува во новиот милениум! Ова е време кога стратешки се обмислуваат и спроведуваат опасни ретроградни и антидемократски процеси, иако политичките елити редовно мантраат за демократија, интеграции и реформи.
Досега најефикасната владејачка гарнитура во независна Македонија решително одлучи да го искористи во погрешен правец својот докажан талент за организација и мобилизација. Се реши за целосна доминација и се стави во улога на внатарешен окупатор на институциите, економијата, медиумите и општеството во целина. Од хајки против неистомисленици, широка употреба на репресивни методи, политички затвореници, диригирани судски процеси и гушење на слободата на изразување, се до 24 Декември кога паднаа и последните сомнежи дали претеруваме кога зборуваме за фашистички изблици, или некој само се наоѓа повреден од вистината. Новата елита која се инсталираше со приказната за преродба, не ни навести дека под реформи подразбира кратење на одамна стекнати придобивки како што се работничките и женските права. Додека развиените држави го прошируваат корпусот на човекови права, кај нас се погазуваат и оние основните, од листата стара 70 години.
Во насока на назадување на правата се и економските политики кои ја продлабочуваат нееднаквоста и корупцијата. Очекуваното технократско справување со економските проблеми ги претвори сиромаштијата и невработеноста во поле за изборен инженеринг. Образованието и здравството се веќе девастиран полигон за експерименти со кои се осакатуваат генерации. Списокот на симптоми кои можеме да ги наброиме додека размислуваме за горепоставените прашања се чини бескраен, како реката луѓе што замина од земјава во изминатите години. Но и ова е доволно за да се извлече одговорот.
Мал дел од јавноста јасно ги дијагностицира состојбите, но тоа допира до се помалку граѓани, пред се поради медиумската контрола и општата демотивираност. Сепак, бројот на тие што го чувствуваат сето ова на своја кожа е многу поголем од тие што јавно реагираат на социјалните неправди и криминалот. Убедена сум дека ретко кој не е свесен каде сме и до каде сме, само тоа уште поретко се изустува.
Зандана за робови или слободна татковина?
Будењето на тоталитарните духови, кога – тогаш ги воскреснува и слободарските, и тоа е историска неминовност. Состојбата во која се наоѓаме денес не може да биде одржлива на долг рок. Но клучниот проблем е дали една кршлива Македонија може да го издржи истекот на тој рок. И дали има капацитет и понатаму да го преживува нашето повторување ненаучени лекции, што е основна причина за честите кризни циклуси.
А ние не само што ги забораваме пораките од двата Илиндена, ние тврдоглаво ги игнорираме и поуките од искуствата на кои самите сме посведочиле, како што се балканските крвави деведесетти и несреќната 2001-ва. Македонците ниту денес не сфаќаат дека градењето граѓанска држава не ја загрозува нивната “полна национална слобода ” за која зборуваа асномците, а Рамковниот договор го гледаат како отстапка и пораз. Многумина Албанци во пострамковна Македонија сметаат дека нивните интереси се претставени полошо и од времето на СФРЈ. Взаемната доверба практично не постои, и тоа е совршено тло за меѓуетничките прашања да бидат покритие за сите нaталожени проблеми и податлив инструмент за покривање на неспособноста на политичари, кои не се кадарни ниту да не пребројат.
Затоа етничките трла се денешните зандани за робови, подјармени од внатрешен поробувач кој ја храни и ползува поделеноста и омразата. А не дека не бевме предупредени: “Браќа Арнаути, Турци и Власи!Поробувачите на Македонија од везден сакале да не разделат и скарат за полесно да ја владат нашата татковина и да ги грабат нашите народи. Тешкото минато ни покажа оти интересите на нашите народи са исти, а нивната садба заедничка. Во овие решителни моменти сите ние изградуваме слободна Македонија. Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме”.
Обиди се денес да замислиш спонтано собрана повеќеилјадна група со различен бекраунд, образование, професија и возраст, да се побуни и избори за некоја цел која го засега личниот и општествен живот на секој граѓанин. Нема шанси. Толку сме малку, што сите не собира во еден кадар од камерата на МВР. Пушти апел со националистичка или верско-фундаменталистичка жица, ќе добиеш и бројност, и насилство, патем ќе му завршиш работа на Центарот за комуникации, чија инспирација за спинување збрзано се троши, а ќе и направиш услуга и на лукративна Мала Речица. Сите околу нас задоволни, до оној следен монструозен чин кој ќе ја репризира сторијата , и се до оној момент кога ќе почне да се умира од глад, момент кој просто мора да го избегнеме.
Кругот, бил или не бил тркалезен, мора да се прекине, зашто тој е надворешниот, подебел ѕид од занданата. Постои прогресивен и слободоумен свет од сите етникуми во оваа земја, кој излегол од трлото и дејствува без предрасуди. Но останува длабоко вкопан главниот ѕид, врз кој тие немаат влијание, затоа што се преслаби. Надминувањето на етничките поделби, барем за суштинските прашања, е клучен фактор за поголема општествена мобилизација и јакнење на граѓанинот. Тоа е навидум невозможен момент, на кој мора да инсистираме. Граѓанинот пред се, а не државата, ниту пак етничката заедница. Едноставно сите мора заедно да го поправиме дефектот, за да живееме како луѓе и за да бидеме како такви третирани од страна на нашите народни избраници. Соживотот е можен таму каде што функционира правната и социјална држава, и каде што се егзистира слободно и достоинствено. Таму каде што се тоне во бесперспективност и сиромаштија, соживотот останува киднапирана и контролирана тема. Да бевме помудри, ќе ја препознававме диктираната омраза и причинско-последичните врски. Но, како ноторни повторувачи мора повторно да откриваме што сакале да кажат нашите похрабри, помудри и позаслужни предци. Пред да продолжи, борбата мора да стане заедничка.
Автор: Павлина Симоновска – Лина Симон
Извор: ssr.kauza.mk, Социјална Секуларна Република – 70 години АСНОМ