Благојче Илиевски, пациент со цистична фиброза (ЦФ), почина и не го дочека да го прими лекот „трикафта“, објави денеска Асоцијацијата за цистична фиброза (АЦФ).
Од Асоцијацијата велат дека изгубиле свој соборец, кој заедно со него и стотина пациенти со ЦФ изминатиов период алармираа и бараа државата да им го обезбеди современиот лек „трикафта“, како основно човеково право на лек и живот.
„Заради ова, нашиот револт, огорченост и потресеност се исклучително големи, особено затоа што како АЦФ лекот го бараме од 2020 година и апелиравме постојано за итноста од воведување современа модулаторна терапија“, соопштија од Асоцијацијата.
Радио МОФ веќе објави дека поради ваквите околности дел од луѓето со ЦФ заминуваат и во странство. Тие изминатиов викенд одржаа и протест пред Владата, каде токму побараа државата веднаш да обезбеди средства за воведување модулаторна терапија по принципот на сите европски и балкански држави, со соодветен план и стратегија за опфаќање на целата популација заболена од оваа ретка болест.