„Asphalt Calcutta“ на Костов, Теза и Охана објавен на „Аксиома“

„Аксиома“ неодамна го издаде својот прв албум на македонски џез музичар на кој карактеристично е што гостуваат двајца странски, поточно бразилски соработници.

Се работи за џез-ворлд-импров-фјужн албумот „Asphalt Calcutta“ на новото пијано џез трио на Јордан Костов (пијано), Бруно Дози Теза (бас гитара) и Бренда Охана (тапани).

Албумот е снимен во студиото „Бопсити“ во Париз, a миксот и мастерот е на Макс Јесион. Извршен продуцент е Вангел Ноневски, додека за коверот беше задолжен Филип Букршлиев.

Во продолжение, ви го пренесуваме интегрално текстот на Ноневски кој го придружува албумот на Бендкемп:

***

„Невообичаените средби честопати раѓаат чудни плодови. Таков е случајот со приказната која претходи на снимањето на овој албум. Македонскиот авангарден музичар Јордан Костов се запознал со бразилската вибрафонистка и тапанарка Бренда Охана уште 2016 година во Шангај, по што почнал да соработува со неа. Следните години, соработката се продлабочила со други музичари од локалната Шангајска и светската џез музичка сцена. На почетокот на 2024 година Костов заминал за Париз (каде Охана живее) и ја поканил да снимат неколку импровизирани парчиња музика. Недостасувал басист за да се комплетира ритам секцијата. Охана го предложила нејзиниот пријател, бразилскиот басист Бруно Дози Теза, а набргу потоа сите заедно влегле во Бопсити студиото во Париз, каде, без претходни проби, овој албум бил снимен за мошне кратко време.

За неупатените ова би можело да звучи како романтична фикција, во која протагонистите се поставени во еден пригодно конструиран сплет на околности, кој им овозможува несекојдневно уживање во случајно склопената културна салата. Меѓутоа, за неуморниот македонски талкач низ афро-американските, балканските и ориенталните музички наследства, Јордан Костов, ова е несвесен музички модус операнди. Костов веќе подолго време музицира како глобтротерски џез фјужн сунѓер, кој впива сѐ што во дадениот момент ќе му биде на располагање. На овој албум тој е во за него ретка позиција на пијанист (неговиот прв избор е хармониката), а несебична и добредојдена помош имал од Дози Теза (бас гитара) и Охана (тапани). Резултатот од тоа е албум кој сведочи за една чудна, просторно-временска игра со музиката, која во тој краток период ги споила влијанијата од Балканот, Јужна и Северна Америка, Индија, Далечниот Исток и, се разбира, Париз, каде што овој албум е снимен.

Носечката и насловната композиција на албумот, „Асфалт Калкута“, е одраз на моќното влијание кое слободната импровизација ја има врз современата креативна музика. Снимена е без проби, без претходно споделена нотација (која, се разбира, не постои); значи, се базира врз факторот интуиција и мултиперспективните можности и насоки кои од неа произлегуваат. Иако од насловот е очигледно дека иницијалната инспирација потекнува од музичкото богатство на Индија, набргу станува јасно дека отсуството на главен мотив оваа тема ја сместува во широкиот домен на фри џез традицијата. Сепак, „Асфалт Калкута“ не припаѓа на гласната, бучна традиција/нишка на фри џезот (на пример, некои од албумите на пијанистите Агусти Фернандез, Александер фон Шлипенбах идр.), туку повеќе инклинира кон традицијата на колективната импровизација, која се обидува да остава простор секој од музичарите да се надоврзува еден на друг и да предлага насоки кои можат, но не мора да бидат следени. Кога ја слушате, тоа е веројатно највпечатливото нешто: мотивите доаѓаат и си одат, а сите тројца музичари свират околу нив, при што се јавуваат нови мотиви, кои се оставаат да се слеваат, да нуркаат и да испливуваат низ 35-те минути, колку што оваа фри импров сесија трае. Примамливоста на изведбата, притоа, се забележува во мелодичната флуидност, во ритмичката комплексност и во слободата на симултано надоврзување и интеракција, кои музичарите интуитивно ги практикуваат, при сликањето на една живописна звучна слика. Слушателите, пак, ќе бидат наградени во онаа мера во која ќе бидат подготвени да ја удостојат оваа импровизација со вниманието кое таа го заслужува. Потоа, таа ќе влезе во нивниот аудитивен толкувачки апаратус, по што нема да може да се знае кои и какви впечатоци ќе предизвика.

„Сендаги бој“ е композиција на Костов, која почнува со нетгово нежно рачно галење на жиците на пијаноо, пропратено со топла поддршка од бас гитарата на Дози Теза, пред да започне главниот, препознатлив, ориентално инспириран пијано мотив. Потоа темата продолжува со фино ускладена колективна импровизација меѓу тројцата музичари, небаре се работи за редовни соработници. Притоа, Костов вешто маневрира околу главниот мотив, Охана го следи прикладно, без да навлегува во непотребни перкусивни егзибиции, а басот на Дози Теза е толку нежен, што се наметнува прашањето зошто електричната бас гитара почесто не се вклучува во пијано џез триа. Инаку, Сендаги е населба во Токио, во која Костов честопати престојува кога е во посета на Токио.

„Мангит“ e уште една композиција на Костов, која за првпат била снимена 2023 година, во секстет состав со виетнамски музичари. Таа верзија на композицијата е именувана „Маглота“, иако двете имиња немаат конкретно значење. За разлика од првичната верзија која претставува 20-минутна виетнамско-балканска џез фузија, отсвирена со традиционалните виетнамски инструменти đàn bầu и t’rưng и на која Костов свири на својот „матичен“ инструмент – хармоника, „Мангит“ е адаптирана за пијано џез трио формат и, како што вели Костов, таа тука има забележливи влијанија од културниот живот во Париз. „Мангит“ е темата на албумот која веројатно најмногу осцилира помеѓу концептите и практиките на претходно воспоставена структура и слободна импровизација. Оваа верзија има нагласен хипнотичен и меланхоличен, па дури и елегичен аранжман, и веројатно затоа урбаната средина на Париз е посочена како битно влијание врз начинот на нејзината изведба. Француските традиции на скептицизмот, егзистенцијализмот и деконструкцијата имаат извршено иреверзибилно влијание врз културниот живот во Париз, а заедничкото за нив е што утехата е едно од најнедофатливите животни аспирации.

Светска џез фузија. Овој и поджанровите слични на него (етно џез, фолк џез фузија, ориентален џез…) може да алудираат на нивелирачка и униформирачка музичка глобализација. Можеби, пак, според дискурсот на Едвард Саид, тие смрдат на постколонијализам и стигматизирачки ориентализам и егзотицизам, каде различните „светски“ музики биваат проголтани од културната апропријација на Западната џез музика. Меѓутоа, ретко кога ќе наидете на вака невообичаен сплет на околности, комбинации и состав, кој во себе успеал да обедини толку многу влијанија, времиња, локации и луѓе. – Имате една композиција со влијанија од јапонската традиција, друга со виетнамски призвук и насловната, која евидентно алудира на индиската музичка дијаспора; сите три се снимени во еден од главните Европски културни центри – Париз, со македонски пијанист и бразилска ритам секција. А во основата на сето тоа, како што вели Костов, е афро-американската џез импровизација. Дури и авторските композиции на Костов (кои, исто така, се снимени без претходни проби) повеќе претставуваат насока за слободно интерпретирање на музиката, отколку теми кои треба да бидат доследно изведувани. Според тоа, „светска џез фузија“ може да звучи експлоатирачки или колонизаторски врз незападните музички традиции во однос на еден центар (џезот), чијашто „цел“ е да ги подреди, да ги инкорпорира во себе и да ги монополизира различните музички влијанија. Таа теза е валидна. Сепак, западната културна/музичка апропријација (уште од самите почетоци на афро-американската музика) има и позитивна страна: таа не претпоставува дека постои такво нешто како хомогена и/или автентична музичка традиција. Сите културни традиции кои си умислуваат дека нивните истории се чисти и „неконтаминирани“ се, всушност, фашизоидни, зашто ги негираат звуците/гласовите кои несомнено извршиле влијанија врз нив. Од друга страна, музичките традиции кои ја признаваат културната апропријација како неизбежен чинител во културното живеење, ја воочуваат секоја музика таква каква што таа е: постојано во движење, постојано „валкана“ од хетерогени влијанија, постојано во потрага по нови влијанија од кои континуирано би се ревитализирала.

Овој албум, се разбира, припаѓа на втората тенденција“.