Драги свои. Стигнавме до 40-тите Астални проекции. Со нив ја завршуваме оваа сезона, а веројатно ќе се одјавиме и на малку подолго време. По тој повод, овој вторник во „Менада“ ќе ја прајме „големата“, се вели во најавата за вечерашниот настан од 20 часот на независната поетска трупа „Астални проекции“.
Како што велат организаторите, за вечер поканиле еден куп луѓе.
„Луѓе кои сметаме дека овие четири години беа важен дел од Асталните проекции, а тие, бидејќи ‘сме остајле место’, нѐ удостоија и ја прифатија нашата покана“, соопштуваат организаторите.
На сцената во „Менада“ ќе се појават: Катица Ќулавкова, Никола Маџиров, Јовица Ивановски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Николина Андова Шопова, Иван Шопов, Биљана Стојановска, Д.А. Лори, Владимир Лукаш, Јулијана Величковска, Калина Малеска, Дарко Лешоски, Јосип Коцев, Жарко Кујунџиски, Сеида Бегановиќ, Снежана Стојчевска, Сања Михајловиќ Костадиновска, Душко Крстевски, Искра Донева, Диме Данов, Ива Дамјановски, Андреј Ал-Асади, Александар Станојков, Зоки Спијач, Славица П. Диневска, Александар Маџаровски, Перо Сарџоски, Габриела Милкова, Никола Џилвиџиев, Митко Апостолов, Катерина Гогова, Рина Јанкуловска, Викторија Ангеловска и многу, многу други.
Инаку, самото име на „Астални проекции“ е игра од астрални проекции, односно, како што велат од поетската трупа, чувството кога излегуваш од своето тело, и онаа средба на астал кога бил поставен темелот. Идејата која се ширеше неколку години наназад беше секој да има простор да чита и да го презентира своето дело.
„Астални“ се начин да се излезе од шемата – оној кој чита стои напред, сите седат назад и го слушаат. „Астални“ се слобода на изразот, затоа што не е само поезија и проза, туку и џемирање, слемирање, пеење, а го имаат и вокално-инструменталниот состав ‘Тркалезна маса’. „Астални проекции“ досега остави белег меѓу поетите, и донесе свежина во културното урбано битисување.