Астрономите добиле сигнали за нешто што можеби е првата планета откриена надвор од нашата Галаксија.
Сигналот од можната планета бил откриен од телескопот со рендгенски зраци „Чандра“ на НАСА во Галаксијата Месиер 51. Оваа Галаксија е лоцирана околу 28 милиони светлосни години подалеку од Млечниот Пат.
Досега се пронајдени скоро 5.000 екстрасоларни планети, кои орбитираат околу ѕвездите надвор од нашиот Сончев Систем, но сите тие беа откриени во Галаксијата Млечен Пат.
Новото откритие е засновано на транзитирање, каде движењето на планетата пред ѕвезда блокира дел од ѕвездената светлина и открива карактеристично затемнување кое може да се забележи од телескопите. Со оваа техника веќе се откриени илјадници екстрасоларни планети.
„Методот кој го развивме и имплементиравме е единствен применлив метод во моментов преку кој може да се откријат планетарни системи во други галаксии. Се работи за уникатен метод кој е подготвен за пронаоѓање планети околу рендгенски бинарни системи на било која дистанца од кои можеме да го мериме закривувањето на светлината“, вели Росана Ди Стефано, од Центарот за астрофизика „Харвард-Смитсониан“ за Би-Би-Си.
Според мерењата на научниците, евентуалната планета е со големина на Сатурн и таа орбитира околу неутронска ѕвезда или црна дупка оддалечена на двојно поголемо растојание отколку она помеѓу Сатурн и Сонцето.
Ди Стефано објаснува дека техниката била успешна за пронаоѓање екстрасоларни планети во Млечниот Пат кога се набљудувале други галаксии. Ова е делумно поради тоа што огромните растојанија вклучуваат намалена количина на светлина која стига до телескопот и истовремено значи дека многу објекти се собрани во мала површина гледано од Земјата, што претставува потешкотија во откривањето на индивидуални ѕвезди.
Научниците сепак признаваат дека се потребни дополнителни податоци за да се потврди нивната интерпретација.
Една од потешкотиите во тоа е дека евентуалната новооткриена планета има голема орбита, што значи дека нема повторно да помине покрај својот бинарен партнер во следните 70 години, што ги прави невозможни обидите да се повтори обсервацијата во скоро време.
„Свесни сме дека даваме возбудливо и смело тврдење, па очекуваме другите астрономи да ги разгледаат податоците внимателно. Ние сметаме дека имаме цврст аргумент, а процесот кој следува е начинот на кој науката функционира“, вели коавторот на истражувањето, Џулиа Берндсон од Универзитетот Принстон во Њу Џерси.