Синоќа во Кинотеката на С. Македонија со прогласување на добитниците на „Златен був“ заврши 11. Филозофски Филмски Фестивал. Во Официјалната селекција на долгометражни филмови, победи филмот „АТЛАНТИДА“ (ATLANTIS) на украинскиот режисер Валентин Васјанович (Valentin Vasyanovych).
За наградата одлучуваше стручното жири во состав Џон О‘Меларка (John Ó Maoilearca) – професор на Катедрата за критички и историски студии на Универзитетот Кингстон во Велика Британија и член на редакцијата на списанието Film-Philosophy, Снежана Младеновска Анѓелков (м-р по уметности од областа на филмската и телевизиската монтажа и наградуван писател) и Слаѓан Пенев (професор по филозофија и селектор на програмите Европски филмски перспективи и Земја во фокус при Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“).
„Секој кадар е избалансиран и експресивен, изразен преку основните елементи на сè во универзумот: металот, огнот, водата, земјата. Незаборавни се сцените на самоубиство со замозапалување во топилницата за метал, љубовната сцена, како и генијално снимените долги кадри на постапокалиптичниот свет на повоена Украина, кои даваат чувство на мултиплициран чернобилски пејсаж, а истовремено потсетуваат на сцените маестрално портретирани во „СТАЛКЕР“ на Тарковски“, заклучи жирито за воената постапокалиптична приказна.
Годинава, стручното жири додели и специјално признание во категоријата долгометражни филмови на филмот „ВДИШИ-ИЗДИШИ“ (INHALE-EXHALE) на грузискиот режисер Дито Ѕинѕадзе (Dito Tsintsadze), кое ги опишува убиствените предрасуди на еден провинциски град кон секого кој отстапува од веќе воспоставените норми.
Симпатиите на публиката ги освои долгометражниот филм „АВИВА“ (AVIVA), филм кој низ една возбудлива мешавина на мета-филм, перформанс и драма отвора една родова енигма којашто го преобразува односот што го имаме едните кон другите, но и односот кон самите себе (како андрогини суштества), па заслужено „Златниот був“ отиде во рацете на американско-израелскиот режисер Боаз Јакин (Boaz Yakin).
Во конкуренција на краткометражни филмови, жирито во состав: Златко Ѓелески (филмски, музички и книжевен критичар, режисер на краткометражни филмови), Глорија Морано (Gloria Morano од Италија – главен програмер на програмата за млада публика и член на уметничкиот одбор на Luxembourg City Film Festival, /селектор на Festival des Cinémas Différents et Expérimentaux во Париз) и Владимир Ѓуровиќ (професор по филозофија, истражувач од областа на реториката со фокус на уметноста како средство за масовна комуникација), со „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм на ФФФ 2021 го награди перуанскиот филм „ТИШИНАТА НА РЕКАТА“ (The Silence of the River / El Silencio del Río) на режисерката Франческа Канепа (Francesca Canepa). Жирито беше импресионирано и шармирано од ониричкото патување на младото момче во дождовната шума, преку атмосферата креирана во филмот, како и акутниот пристап кон социјалните и идентитеските рефлексии на оваа визуелна приказна.
Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за дебитантски/студентски филм или филм со социјално ангажирана тема, награда востановена за прв пат минатата година, во чест на проф. д-р Стефан Сидовски кој беше долгогодишен пријател на Фестивалот и дел од неговиот Организациски одбор последните години, жирито му го додели на киргистанскиот филм ЛУЛАШКАТА (The Swing / Selkinchek) на режисерката Самара Сагинбаева (Samara Sagynbaeva).
„Златниот був“ од публиката во категоријата краткометражни филмови годинава отиде во рацете на францускиот режисер Иго Легуриерек (Hugo Le Gourrierec) за дистописката приказна „ПИПО И СЛЕПАТА ЉУБОВ“ (PIPO AND BLIND LOVE), којашто се одвива во дехуманизиран свет каде што емоциите се строго контролирани, а говорот обесхрабрен, а која ни говори токму за моќта на верувањето, создавањето, споделувањето, за љубовта и убавината .
На последниот ден од 11.Филозофски филмски фестивал, по прогласувањето на победничките филмови, публиката имаше можност да го проследи шпанскиот филм „ХАОТИЧНАТА АНА“ (CAÓTICA ANA, 2007) на режисерот Хулио Медем (Julio Medem), последен во рамките на Ревијалната програма: филм-философија. Воведно излагање кон филмот имаше проф. д-р Маја Мухиќ од Факултетот за јазици, култури и комуникација при Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово на тема „За Ана и мистиката на жената низ визуелната реторика на Хулио Медем“.
11-от Филозофски филмски фестивал се одржа во хибриден формат (годинава беше прв филмски фестивал со проекции на големото платно, со дел од програмата и интернационалните гости онлајн) и токму во знакот на времето и неговата потрага низ филмот и филозофијата.
Како дел од Придружната програма и ФФФ -Doc. сегментот, на 18 мај 2021 се случи и кино проекција на отворено, под тремот на Музејот на современата уметност во Скопје на документарниот филм „ТЕЛО НА ВИСТИНАТА“ (Body of Truth) на Евелин Шелс (Evelyn Schels) во најава на Фестивалот.
Во рамки на фестивалот, пред официјалниот старт на Главната програма, се одржа и Првата меѓународна конференција „Филозофија и филм“ (во онлајн формат), на која врската меѓу филмот и филозофијата од различни интересни перспективи ја дискутираа професори и истражувачи од Хрватска, Словенија, Португалија, Србија, Велика Британија, Турција, Македонија, Полска, Холандија, Бугарија, Франција, Грција, САД иИрска.
Фестивалот беше проследен и со богата едукативна програма, којашто започна во април преку организирање на неколку онлајн работилници за млади на кои учениците од повеќе средни училишта дебатираа на теми инспирирани од различни филмски остварувања. Се одржаа и две интересни работилници „Фил(м)ософија со деца“ за деца на возраст од 10 до 12 години, на коишто се дискутираше како најмладите го разбираат еден од најинтересните анимирани филмови за деца последниве години, „ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ“ (Le Voyage du Prince, 2019), па Ѓорѓи (10 год.) на прашањето „Што е свеста?“ ќе рече „Свест е да го разбираш тоа што го правиш“.
Освен петте долгометражни и дваесетината краткометражни филмови во официјалните селекции, публиката можеше да ужива и во проекциите од Ревијалната програма: филм-философија: влијателниот нем американски филм ТОЛПАТА (The Crowd, 1928), „ХАОТИЧНАТА АНА“ – (Caótica Ana, 2007), македонскиот документарен филм на режисерот Блаже Дулев КЕИФ (2019), шпанскиот научно фантастичен филм ЕВА (Eve, 2011) и францускиот класик „БЕТИ БЛУ“ (Betty Blue/37° 2 le matin,1986). За Отворањето на Фестивалот се одржа и традиционалниот џез концерт, оваа година со извонредните Yordan Kostov Quintet.
Со доделувањето на наградите не завршува годинешното издание на Фестивалот. Се организира и дополнителен сегмент Ретроспектива Тарковски во соработка со Амбасадата на Руската федерација во Скопје, Кинотеката на С. Македонија,Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“, Амбасадата на Шведска и Амбасадата на Италија во Скопје. Во рамките на Главната програма, публиката имаше ретка можност да ужива во првите студентски филмски остварувања на рускиот режисер Андреј Тарковски во најава на Ретроспективата.
Во периодот 10-20 јуни, во Скопје и Свети Николе, ќе се организираат проекции и на неговите седум долгометражни филмови „ИВАНОВОТО ДЕТСТВО“ (Иваново детство, 1962) , „АНДРЕЈ РУБЉОВ“ (Андрей Рублев, 1966), „СОЛАРИС“ (Солярис, 1972), „ОГЛЕДАЛО“ (Зеркало, 1975), „СТАЛКЕР“ (1979), „НОСТАЛГИЈА“ (Ностальгия, 1983) и „ЖРТВОПРИНЕСУВАЊЕ“ (Жертвоприношение, 1986). За овие филмови, воведни излагања или дискусија со публиката ќе имаат проф. д-р Игор Евлампиев (Институт за филозофија при Државниот универзитет на Санкт Петербург, Русија), филмологот д-р Атанас Чупоски, м-р Кирил Трајчев (професор на МСУ „Державин“), проф. д-р Славица Србиновска (Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје), режисерот и филозоф, м-р Стефан Палитов, директорот на Кинотеката на С. Македонија, филмологот Владимир Љ. Ангелов и д-р отец Милан Ѓорѓевиќ (вонреден професор на Православниот богословски факултет во Скопје). Проекциите од Ретроспективата Тарковски во Кинотеката од 10-19 јуни ќе бидат со слободен влез за сите заинтересирани посетители.