Тим од четири атлети од Специјална олимпијада на Македонија учествуваа на Европската пливачка средба на Специјална олимпијада која се одржа од 25 до 28 октомври на стадионот „Луј II“ во Монако. Во конкуренција од 180 натпреварувачи од 27 европски земји, атлетите – пливачи од нашата држава освоија три медали.
Учесниците се натпреваруваа во пливање во 25, 50 и 100 метри слободен стил на пливање, грбен и граден стил на пливање.
„Јулијана Петровска се натпреваруваше на 50 метри пливање во слободен стил, пласирајќи се на четвртото место, а ја освои бронзата во категоријата 25 метри грбно пливање. Катерина Петковска имаше силен настап, освојувајќи го четвртото место и на 25 метри слободен стил и на 25 метри грбно пливање. Стефан Трпковски се истакна со два бронзени медали, пласирајќи се на третото место во категоријата 25 метри грбно и во 25 метри пливање во слободен стил. Марио Мицковски покажа извонредна издржливост, натпреварувајќи се на 50 метри и на 100 метри пливање во слободен стил каде постигна најдобри времиња, но од здравствени причини не настапи на финалните трки“, информираат од Специјалната олимпијада.
Како што посочува Моника Бошкоска, претседателка на Специјална олимпијада на Македонија, атлетите демонстрирале дека со решителност, редовни тренинзи и посветеност, може да се постигне извонреден успех на меѓународна сцена.
„Ова е еден од бројните успеси на атлетите на Специјална олимпијада Северна Македонија, кои продолжуваат да нѐ претставуваат во најдобро светло и да ја прават Македонија горда. Докажавме дека можеме да се носиме и со најголемите светски сили, да победуваме и да освојуваме медали“, истакнува таа. Ја користам оваа прилика да му честитам на тренерот и селектор Игор Димоски кој со своето искуство и посветеност е заслужен за успесите на нашата пливачка делегација. Огромна благодарност до организаторите и принцезата Шарлин што беа домаќини на ваков инспиративен настан кој во пракса ја покажува моќта на спортот и улогата која ја има во инклузијата на лицата со интелектуална попреченост“, истакна таа.
Од Специјална Олимпијада нагласуваат дека остануваат посветени на зајакнување на атлетите со интелектуална попреченост, обезбедувајќи им можности да го постигнат својот целосен потенцијал преку употреба на трансформативната моќ на спортот.