„’StayUncle’ е компанија која се занимава со хотелски простор за невенчани млади парови. Зошто баш тоа? Бидејќи во Индија во 21 век секојднавно милиони двојки страдаат од морални предрасуди. Ако се појавите во хотел и сакате да поминете приватна вечер, ќе ви побараат брачен сертификат. Што е многу глупаво! Концептот на отворена врска, на отворено заедничко живеење за Индија е нетипичен. „StayUncle“ беше типичен декадентен западен увоз што се коси со традиционалните вредности. Моралниот слој на Индија не можеше да се носи со фактот дека луѓето можат да бидат во иста соба, без да бидат венчани“, вели Блаже Аризанов, кој е актуелен со книгата „Белиот трофеј“.
Аризанов е претприемач од Струмица. Toj во 2011 година замина во Индија и по четири години со стартапот „StayUncle“ предизвика мини револуција во древната земја.
Во интервјуто потенцира дека ја обрал Индија затоа што „никој друг не го сакал“, односно во Западна Европа добивал „корпи“ и дипломатски одговори дека не се заинтересирани за неговите услуги.
Во Индија, првите три-четири години бил во типични корпоративни води. Вработен како практикант, потоа полноправен рабоник во друга компанија. Бил типичен кариерист. Човек чија примарна мотивација била, пред се’, да си го „набилда“ CV-то со уште ставки, за понатаму да биде покомпетитивен на пазарот на трудот. Во претприемачките води се нашол подоцна, откако увидел дека не е баш „фит“ за корпоративни средини.
Од каде преку претприемништво до една ваква идеја, која руши табуа за сексот и отворените врски во традиционална земја како Индија?
„Имав идеја за книга, ми требаше пари да допатувам до Тибет, па со краудфандинг кампања обезбедив пари од македонската јавност, успешно. Само што се вратив, на настан во Делхи го запознав мојот ко-основач, кој имаше идеја за зачеток на ‘StayUncle’. Во тоа време беше нешто друго, меѓутоа идејата, концептот за хотели за невенчани парови во Индија се роди малку подоцна, кога увидовме дека тоа е силна потреба на пазарот, досега неадресирана.
Дали можеби имавте проблеми со мајки, татковци, можеби и властите ви доаѓаа да ве прашуваат зошто го правите ова?
Проблемите, пред се’, доаѓаа од начинот на кој ја промовиравме услугата. Во нашиот случај, класичните методи за промоција не функционираа, бидејќи се работеше за толку авангардна услуга што на луѓето не им се веруваше дека ова е можно. И затоа – моравме да преминеме на промоција на улици, каде секојдневно делевме флаери, постери, картички. Таму ни дојде интензивна доза на вербални напади, по некој пат и физички, каде луѓе ни пријдоа и не’ прашуваа: „Зар не ви е срав од Бога, дека ќе горите во пеколот? Каков е тој неморал што го промовирате меѓу младите?! Ова не е Индија. Ова не е традиционално индиско однесување!“. Kако што се популаризиравме во медиумите, пополека се виде дека сме сериозен фактор на прогрес меѓу младите во Индија.
Есентта 2016 сведочевте како вработените ги креваат последните парчиња мебел, бидејќи сте им должеле плата. Но, две години подоцна, 2018, „Форбс Индија“ ја прогласува „Stay Uncle“ за една од најпроспетитните индиски компании. Како дојде до тоа?
Првите години ни беа тешки. Буквално се финансиравме со последните парички во џеб. Вработените го кренаа мебелот поради тоа што должевме тримесечна плата. Во тој период бевме типична фирма, која не им плаќа пари на вработените. Не дека тоа беа пари за наш луксуз, туку ги немавме.
После две години, едноставно, ни „запали“ целава ситуација, поради тоа што се популаризиравме од кампањи што ги правевме на улица. И поради кои не’ забележа еден новинар од меѓународна новинска агенција, кој направи сторија за „Stay Uncle“, за она што го правиме, а му се виде интересен и тимот, мултинационален. Сето тоа го склопи во приказна, спои два и два, и таа приказна испадна толку популарна, вирална, што беше реобјавен барем десетици пати следните неколку дена. Од андерграунд станавме мејнстрим феномен. Сега како компанија сме добро етаблирани, со милионски долари во приходи и следен чекор е да воведеме „љубовни хотели“, тематски уредени, кои ќе бидат баш за такви клиенти.
Бојан Шашевски
– – – – –
Целта на интервјуто е да ангажира млади лидери преку претприемништво и да ја подобри свеста за клучните економски проблеми со кои се соочува македонската младина.
Интервјуто беше изработено со поддршка од Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE) во рамките на проектот „Ангажирање на приватниот сектор во образованието за претприемништво“. Не ги претставува ставовите на Центарот. Проектот го спроведуваат Младинскиот образовен форум (МОФ) и Институтот за европска политика (ЕПИ).