Независност и слобода. Ова се двата збора кои Тања, Сузана и Весна ги издвојуваат како најголемата придобивка од нивната одлука да покренат сопствен бизнис. Секоја од нив работи во различна сфера – стоматологија, козметички услуги и ракотворби. Заедничко им е тоа што се успешни претприемачки. Своите приказни ги споделуваат во третата епизода од подкастот „Skills that pay the bills“, кој можете да го слушнете на линкот во продолжение:
Стоматолог Тања Дејаноска решила да ја напушти работата за „газда“ и да основа сопствена стоматолошка ординација со желба повеќе да напредува. Работи во исклучително машка сфера, имплантологија, каде жените се застапени само во промили, додека заедно со сопругот е присутна и во уште една доминантно машка професија во Македонија – градежништвото.
„Жена да успее во овој бизнис треба со години да се докажува. Сите те гледаат со потсмев. Меѓутоа не ми беше тешко, бидејќи целта ми беше да изработиме еден европски проект со Холандија. Одењето во Холандија беше сосема друг пристап. Таму луѓето не ми се смееја, сите разговараа со мене. Сите мене ме консултираа, за разлика од Македонија. Па и за проектот ни рекоа дека ако жената е менаџер или сопственик на бизнис имате поголеми шанси да го добиете проектот. Големи поени носи доколку се вработуваат жени. Тоа ниту сме го разговарале, ниту сме го дискутирале во Македонија. И сфатив дека жените во светот се борат за своите права и се многу позастапени“, објаснува Дејаноска.
Сузана Наумоска, пак, е сопственичка на „Изида Спа“, компанија од Охрид која нуди козметички услуги. Бизнисот го отворила решавајќи го сопствениот проблем, кожа со акни. Денеска вработува 10-тина луѓе. Објаснува дека во 90-тите години, да излезете од државна институција, да останете без плата и придонеси, и да влезете во приватни води не било воопшто лесна одлука. Ја финансирале родителите бидејќи не можела да дојде до кредит. Денеска, вели, со успешен бизнис, банките сами доаѓаат да ја финансираат.
„Бидејќи сме растеле во традиција каде мажот е носител на финансиите во семејството, жените стравуваат да направат некаков чекор. Вчера на средба жени сакаат да почнат и се двоумат. Една од жените кога ја кажала идејата на сопругот добила одговор – Не, што се замислуваш. Мене никој не ме поддржа, тоа е тешко. Особено една идеја која ја нема во провинција. Работам една тесно поврзана професија со догмите кај нас. Масажа – не мора. Жените чекаат. Не, нека не чекаат“, вели Наумоска.
Весна Апостолоска вели дека повеќе ја познаваат под називот „Мали нешта“, како што е наречена нејзината креативна работилница за рачна изработка на предмети од дрво. Регистрирана е како занаетчија, а бизнисот и постои веќе 10 години. Најголемиот дел од нејзините креации завршуваат како часовници, огледала и други детали во детски соби.
„Претходно се бавев со трговија, исто така приватно, но ми стана монотоно и барав нов предизвик. Направив мало истражување, седнав, ја напишав идејата. Да видам кои ми се способностите, кои ми се вештините и мала финансиска конструкција. Направив и плус минус, што ќе ми донесе оваа работа. Меѓу првите беше дека не сакам да станувам со аларм, да работам од дома. За мојата работа е потребна инспирација во простор кој е само мој“.
И покрај овие охрабрувачки приказни, нивото на женско претприемништво во Македонија сè уште е далеку од прифатливо кога ќе се спореди со трендовите во поразвиените европски држави. Според Државниот завод за статистика во 2016 година имало само 25% жени работодавци, додека процентот на жени вработени за сопствена сметка е уште помал, под 21%. Овие бројки со години не се менуваат премногу. Пред пет години, процентот на жени работодавци дури бил и поголем.
Колку македонските претпријатија се поголеми, толку е поголема шансата работодавците да бидат мажи. Помеѓу претпријатијата кои имаат до 10 вработени жена е на водечка позиција во секое четврто такво, додека во претпријатијата кои имаат меѓу 11 до 19 вработени жените се на водечките позиции во секое десетто. Во претпријатијата над 20 вработени, секое петто го раководи жена.
Од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување претходниов период го спроведуваа проектот „Ние Придонесуваме“ (We Contributе), со цел да се зајакне женското претприемништво. Преку нивните активности се формираше Национален совет за женско претприемништво, кое координирано ќе ги застапува интересите на жените претприемачи, креираа портал за информирање, мониторираа политики и изработуваа анализи, а работеа и на подигање на свеста за значењето на женското претприемништво.
Координаторката на проектот, Емилија Андонова, вели дека преку овие активности е направен голем чекор на полето на женско претприемништво. Освен поголема вклученост во разни активности, вмрежувањето на жените претприемачи го засилило и нивниот глас во барање на повеќе информации и мерки од институциите.
„Со тој еден процент на поместување, можеби повеќе жени ќе се охрабрат да покренат сопствен бизнис, а не само да се во сенка на своите сопрузи и татковци. Од она што видовме, претприемништвото се воведува како задолжителен предмет и во основно и средно училиште. Голем дел од младите генерации веќе се информирани на оваа тема, можеби има некое зголемување на жени кои отвораат свој бизнис, но треба уште многу да се работи бидејќи пред сè тие бизниси не се во секторот на ИТ, градежништво, туку повеќе козметички салони, маникир, педикир и фризерски салони“, посочува Андонова.
Таа смета дека постојат поместувања во застапеноста на жените во сите сегменти на општеството, но додава дека тоа сè уште далеку од задоволително ниво. За разлика од минатото, стереотипите се намалуваат и сè повеќе има примери на силни и храбри жени кои се спремни да го започнат својот бизнис. Сепак, додава Андонова, има уште многу работа.
„Ние апелираме дека сè треба да започне од едукација. Едукација во формално, едукација во неформално образование и пруисуство на настани за вмрежување и подигање на јавната свест, како кај жените така и на мажите“.
Она што е охрабрувачки е што се носи Стратегија за женско претприемништво за следните четири години, за која од Владата велат дека е во финална фаза. Сепак проблематично е колку пари се издвојуваат од државниот Буџет за развој на претприемништвото. Во единствените две ставки, кои имаат директен допир со оваа проблематика, за Програмата за поддршка на развојот на мали и средни претпријатија на Министерството за економија се издвојуваат околу 630 илјади евра, додека Агенцијата за поддршка на претприемништвото има годишен Буџет од нешто над 250 илјади евра.
Според Дејаноска, Македонија сè уште е далеку од вистинска рамноправност, а за работите да почнат да се движат во правилна насока треба промена на односот на институциите.
„Ние во моментов во ниедна институција немаме рамноправност. Сметам дека за да се развие женското претприемништво и за да се бориме против економското насилство ние мораме да го поддржиме женското претприемништво. Моментно ниту една институција, ниедна владина мерка не го поддржува женското претприемништво. Нема поен плус за вработување жени или доколку е менаџер. Мора институциите да си го сменат својот мајндсет. Затоа што знаеме дека жените се одговорни и од тоа државата може да има само бенефит“, посочува таа.
Трите претприемачки покрај нивниот личен бизнис активно учествуваат и на конференции и дискусии за да охрабрат што повеќе жени да покренат сопствен бизнис.
„Битно е да го направите тој прв чекор. Кај нас тоа е најголем проблем. Младите тешко се решаваат на тој прв чекор. Не можеме сите да работиме администрација. Нешто мора и да се креира. Непроценливо е чувството кога ќе создадете нешто сами. Кога ќе стои „Made in Macedonia“, тоа е посебна сатисфакција“, вели Апостолоска.
„Добив голем личен развој, едукација, нетворкинг, знаење. Моќта на знаењето е големо ако го пренесете. Мојот живот има смисла. Мојата помала ќерка се запиша на физиотерапија без јас да ја терам на тоа. Таа е покрај мене, така што овој бренд сега има уште поголема смисла, затоа што ќе го наследи некој“, објаснува Наумоска.
Дискусиите и конференциите постојано завршуваат со слични заклучоци. За развој на поволна клима за женско претприемништво потребна е поголема поддршка, повеќе финансии и информации и зголемено учество на жените во креирање на мерките и програмите.
Автор на подкастот: Даниел Евросимоски
——–
Целта на подкастот е да ангажира млади лидери преку претприемништво и да ја подобри свеста за клучните економски проблеми со кои се соочува македонската младина.
Подкастот беше изработен со поддршка од Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE) во рамките на проектот „Ангажирање на приватниот сектор во образованието за претприемништво“. Не ги претставува ставовите на Центарот. Проектот го спроведуваат Младинскиот образовен форум (МОФ) и Институтот за европска политика (ЕПИ).