Прави добро, за да ти се врати добро. Оваа девиза охрабрува се повеќе млади луѓе да запливаат во социјално претприемништво.
Истовремено, младите прашуваат – важен ли е економскиот фактор, ресурсите и самата идеја за успешна приказна, во склоп со потребите на заедницата? Што всушност во превод значи социјално претриемништво?
Во првата епизода од новата сезона на радио емисијата „Skills that pay the bills“ зборувавме со Ирина Јаневска, основач на ARNO, Климентина Илијевски, извршен директор на Паблик / Public и главен уредник на Лице в лице, Тунан – продавач на списанието „Лице в лице“ и Дарко Јовчевски од Вело Кафе.
Ирина Јаневска од организацијата АРНО во разговор со Радио МОФ вели дека кованицата за социјално претприемништво може да биде комбинација од бизнис со филантропија, со човекољубие, или бизнис кој има повисока цел од остварување профит.
„Она што се додава на таа општа дефиниција за бизнис, што сите ја знаеме бидејќи живееме во капитализам, е дека со парите што ќе се направат од тој бизнис, не треба да се богати еден човек. Нели, да се делат дивиденди на основачите, туку треба да се помогне на заедниците во кои живееме. Што ќе рече – ако ние правиме ресторан, тој ресторан не мора да му донесе на сопственикот нов базен, или нова куќа на Водно, туку може да го зголеми бројот на вработени, да вработи глувонеми, може да направи, не знам, свој продукт којшто ќе го продава. Или, не знам, ајвар, сам бренд на тој ресторан којшто ќе го прават жени од рурални средини што немаат работа“, вели Јаневска.
„АРНО“ е здружение за социјални иновации. Кратенката значи Асоцијација за Развој на Нови Опции. Според Јаневска, гледаат како со нови пристапи да препознаваат и поттикнуваат решавање разни состојби и проблеми во општеството. Па така, по патот се најде и – саем за мажи.
„Повикавме мажи да пеглаат, готват, се’ со цел да придонесеме кон родова еднаквост. Часови за готвење правиме. Нив ги рачунаме како социјално претприемничка активност. Здравје ако ни успеат на пазарот, ако имаме вистинска пазарна логика ќе ги нудиме преку фирма. Ако немаме закон за социјално претпријатие. Овие часови за готвење ги правевме со цел – од една страна да го промовираме стручното образование, затоа што препознавме дека образованието во Македонија е голем проблем. За да ја зголемиме вработливоста на децата готвачи од угостителско, и за да не бидеме зависни од донатори, односно една од работите коишто АРНО ги перцепира во ова општество е дека токму ова социјално претприемништво може да ги ослободи невладините од донаторски повици, од стратегии.. и не знам, ако сега е актуелно демократија и гласање, идната година женски права, периодот после тоа, не знам, некоја друга тема… Ние веруваме дека убаво е дека самите невладини да се запознаат со овој концепт и да видат да бидат самоодржливи“, потенцира таа.
Јаневска неодамна се врати од Тајван. Патувањето и даде малку поголема слика во глава. Со своето петгодишно искуство и плеткање во социјалното претприемништво, била многу изненадена кога видела дека таму владата наместо да прави пошироки дефиниции што е социјално претпријатие, како се регистрира, им дава слобода на луѓето.
Дава цела зграда бесплатно да ја користат невладини, социјални претпријатија, за да можат да се ослободат од оној бизнис терет дека ако немаш почетен капитал, нема да успееш, или ќе пропаднеш.
„Во таа тоа зградата каде влеговме, лифтот беше поголем, имаше знакче дека луѓе со количка можат да го користат. Скалите беа достапни. Се качивме на еден спрат каде имаше луѓе кое беа во некакви специјални уреди, затоа што тоа се луѓе кои имаат сериозни физички предизвици – неподвижна рака или човек без рака. Имаше големи компјутери, и програми кои изгледаа стварно многу хај-тек. Тоа беа програми за цртање. Оние беа ангажирани, преку тоа социјално претпријатие, да прават 3Д скици, моделинг, архитектонски решенија за владата, меѓутоа и за други компании. И тоа им беше работно време. Беа вработени и не седеа дома. Кај нас се кријат дома овие случаи, многу ретко имаме и во медиуми некој родител да излезе да каже, нели, интегрирано образование, ретко се наоѓа… Се срамиме од работите со кои не можеме да се соочиме“, забележува Јаневска.
Во однос на законските измени и за тоа каде е Македонија во целата приказна, смета дека долго време се заложувала да се дефинира што е социјално претпријатие, што е невладина организација која има проект за промоција.
Доста го носела на себе оној терет – да се тргнеме и да се доближиме повеќе кон бизнисот отколку кон НГО-пристапот на социјалното претприемништво. Меѓутоа, вели таа, со години видела дека „не многу луѓе вистински имаат намери да почнат социјално претпријатие“.
„Повеќе кружат кон промоција на социјално претприемништво, добивање грантови… Што и тоа е ОК, бидејќи некој треба да го промовира. Да им каже на луѓето – ОК, купете патики од овој бренд затоа што ќе помогнете на дечиња коишто одат боси, а некои треба и вистински да ги произведува тие патики. Mислам дека за закон, не можам за легислатива, не сум правник да зборувам, веќе и се истрошив во таа насока. Мислам дека она што ни треба во Македонија е промоција на вредностите коишто ги има овој концепт, зошто ни треба, зошто луѓето да купат нешто од социјално претпријатие, а не купат од обична продавница“, смета Јаневска од „АРНО“.
Во однос на законските измени зборувавме и со извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски. Според неа, она што се одлучило со Министерството за труд и социјална политика, е пред да се размислува на оваа тема, треба да се донесе Стратегија за развој на социјални претпријатија, која потоа ќе даде јасни насоки за законската регулатива.
Исто така, Илијевски потенцира дека социјалните претпријатија не решаваат само социјални, туку општествени проблеми. Важно е да се има конкретна, јасна мисија за она што би се постигнало во општеството. Прво треба да се сфатат зошто ни треба важно да имаме социјално претпријатие, а потоа, да ги согледаме и бенефитите за заедницата, и економските активности.
„Од анализите што ги работат во моментот, може да се забележи дека околу 30 отсто од организациите, отприлика, ги развиваат тие економски активности за да ја обезбедат својата одржливост во иднина, заради тоа што сфатиле дека се повлекува донаторската заедница, и дека се доведува во прашање нивното опстојување во иднина. Она што се согледува како проблем е дека, капацитетите за менаџирање кај здруженијата на граѓани не се соодветни. Треба да се надградуваат тие капацитети, за да може да се постигне она што е цел – одржливост на самата организација “, наведува Илијевски,
Со оглед на тоа што во светот веќе се работи на социјални претпријатија поради големите нееднаквости што постојат помеѓу богатите и сиромашните, вели таа, еве и ние да се надоврземе на тој сегмент.
„И нас ни се потребни социјални претпријатија, за намалување на невработеноста, за намалување на сиромаштијата. Имаме сериозен проблем со менаџирање на отпадот, имаме сериозен проблем со тоа што се иселуваат луѓето од руралните средини, а потенцијалот што го нудат овие средини е огромен. Ако ја видиме оваа слика, ќе ни стане јасно дека ни се неопходни социјални претпријатија“, вели Илијевски.
„Паблик“ шест години го издава „Лице в лице“, инспиративен пример за социјално претприемништво. Списанието е дел од поширок концепт, движење на уличен печат. Постои во цел свет и ги вклучува ранливи лица, со фокус на бездомни лица кои останале без работа, на улица буквално затоа ште не можат да си покријат кирија, или станот во кој живееле.
Илијевски е главен и одговорен уредник на „Лице в лице“. Објаснува дека во мрежата на уличен печат влегуваат 120 улични списанија од цел свест, а во земјава „Лице в лице“ во моментов брои 40 продавачи, кои го нудат списанието низ шест градови. Педесет посто од продажната цена оди диретно за продавачот.
Според неа, целта е да обезбедат работна интеграција, меѓутоа, не преку професонализација, туку во однос на стекнување навики, еден структуриран животен стил. Ова значи – вложување многу енергија, љубов и едукативни програми на „Лице в лице“, како прв чекор кон пазарот на трудот.
„Ќе ви ја опишам еве првата средба, мојата прва средба со продавачи Лице в лице, тоа беа шест младинци со кои започна дистрибуцијата на списанието, и кога прв пат се видов со нив навистина бев во шок. Дека младинци на 16, 17, 18 години буквално не знаат да читаат. Сфативме дека ова е една група со која со која што ќе имаме сериозни предизвици, меѓутоа, тоа не беше причина да кажеме – „нема да работиме со овие луѓе“. Видлива е разликата во однесувањето. Во начинот на којшто продаваат. Во начинот на кој комуницираат луѓето. Значи, тоа и овозможува уличниот печат. Од ситуација на вертикална поставеност, како што претходно функционирале, проселе на семафорите и некој им давал милостина, во хоризонтална поставеност кога јас и вие – сме еднакви! И јас ви нудам производ, а вие купувате производ заради квалитетот кој го нуди тој производ. Мислам дека таа релација која што успееја да ја изградат продавачите со купувачите на списанието, беше пресудна тие да го надминат она ниво дека се маргинализирани, загрозени, дека некој постојано нешто треба да им дава. И застанаа над ситуацијата на тој начин што кажаa: „Јас сум сега господар на она што го правам. Правам нешто за себе си. Јас сум тој што ќе придонесе за да се извлечам од ситуацијата во којашто се наоѓам’“, вели Илијевски.
Подкастот го изработија: Бојан Шашевски, новинар и Ана Марија Милојевиќ, техничар
——–
Целта на подкастот е да ангажира млади лидери преку претприемништво и да ја подобри свеста за клучните економски проблеми со кои се соочува македонската младина.
Подкастот беше изработен со поддршка од Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE) во рамките на проектот „Ангажирање на приватниот сектор во образованието за претприемништво“. Не ги претставува ставовите на Центарот. Проектот го спроведуваат Младинскиот образовен форум (МОФ) и Институтот за европска политика (ЕПИ).