[Аудио] Skills that pay the bills: Сам свој газда

Да се биде сам свој газда, не е лесна работа. Треба да се мисли на се – од плати за вработените, разноразни инспекции, следење нови закони, иновации, конкурекција, наплата на долгови, ширење на бизнисот. Сепак, има млади луѓе кои одлучуваат да направат чекор напред и да започнат нешто ново. Ивана Новакова Куновска и Мартин Смилевски се двајца претприемачи од Скопје кои одлучиле да почнат свој бизнис. Ивана има компанија за организација на настани и изнајмување дизајнерски светлосни  елементи. Мартин пак, конечно ја реализираше својата повеќегодишна желба, кога пред една година отвори свое место во Скопје, со храна повкусна од онаа што е подготвена дома.

Ивана, заедно со својата бизнис партнерка Марија Зекманoвска Митреска, во 2012 година ја основаат компанијата Боттега Евенти. Свесни дека е време да отворат нешто свое, почетоците не биле ни малку лесни, се потсетува Ивана.

„Во тоа време не беа толку актуелни женски претприемаштва и грантови за вработување. Затоа, решивме сами, со сопствени средства, сопствен влог да основаме компанија“, вели таа.

Инвестираат свои пари за отворање на компанијата, и по обемно истражување на пазарот, ги нарачуваат првите светлечки елементи. Ивана дипломира на катедрата по италијански јазик, па се ориентираат кон тој пазар. Сепак, првите контакти ги прават со Шпанија.

„Донесовме 5 коктел маси, светлосни, што кај нас во тоа време ги немаше, немаше таков луксузен мебел што се користи во уредувањето настани и донесовме само едно светлосно сепаре. На почеток бевме сместени и во 15 метри квадратни, нашиот деловен просторот беше многу мал. Ни отстапија на почеток едно мало подрумче, два на два, започнавме со девет светлосни елементи, сега стигнавме над 150“, раскажува Ивана.

Седум години подоцна имаат компанија која стои на многу постабилни нозе. Но, како што забележува Ивана, за да се опстане, неопходно е постојано адаптирање на промените на пазарот, и следење на иновациите. Затоа и растот на компанијата оди постепено. На почетокот се поставуваат само како компанија која изнајмува дизајнерски елементи, подоцна преземаат еден дел во организацијата и визуелно уредување  на настани, за во шестата година, да започнат и еден голем проект, организација на настанот џентлмен експо, кој годинава го имаше своето второ издание.

„Полека полека и ние стекнувавме самодоверба. Кога ќе дојдеше денот на уредувањето на настаните се среќававме повеќе со екипи составени од мажи. Дури бевме ставени во ситуација јас и Марија да ги креваме тие тешки и габаритни елементи, да ги полираме, да ги поврзуваме каблите.. бидејќи бевме само ние две. Немавме некоја екипа. Сега сме добро екипирани, работиме со надворешни соработници и добро функционираме со нив во секој сегмент“, вели Ивана.

Квалитетот е она со кое и Мартин се обидува да ги придобие скопјани. Во неговото бистро, Бранч бокс, се прават едни од највкусните сендвичи во градот. Но, од идеја до реализација, требало да помине подолго време.

„Таа идеја пред 15 години,  никогаш не беше конкретна. Барав можеби некоја поддршка, партнерство, инвестиција од некој од страна за да можам  да го реализирам тоа, бидејќи немав доволно средства. И како и повеќето најдов работа која беше ОК платена, бев на позиција на која бев одговорен  за 12 луѓе, но едноставно, нешто тлееше во мене и имаше некое жарче што ме тераше да го пробам ова“, објаснува тој.

Бранч бокс, во април направи една година. Понудата на вкусна храна постојано расте. Сепак, се ќе било само сон, ако Мартин не одлучел да аплицира за грант за самовработување, во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Тргнал со скепса, но аплицирал. Ги пополил формуларите, па со помош на ментори напишал бизнис план, за потоа еден по еден да ги помине институционалните филтри. На крај, успеал да го добие својот локал.

„Услов за да се функционира е да остане 2 години активно претпријатието. Значи ако се затвори, , во рок од една година, треба да се врати 80% од грантот, ако се затвори до 2 години, треба да се врати 60%. Така што треба некој добро да размисли за да не се случи да треба да го врати грантот, бидејќи и затворањет на фирма е многу потешко од нејзиното отворање“, нагласи тој.

Токму одржливоста на бизнисот е еден од главните филтри што треба да се мине ако се бара грант за претприемништво од Агенцијата за вработување. Како што појаснува Билјана Јовановска, директорка на Агенцијата, интересот за мерките за самовработување кај младите е голем.

Опфатот на оваа мерка, годинава е 1070 лица, висината на финансиската поддршка е од 246 000 до 307 500 денари или до 615 000 денари доколку се основа правен субјект од два содружника. Младите лица може да бидат корисници и на оваа мерка и тие земаат активно учество.

Младите за самовработување аплицираат на јавен оглас, а конкуренцијата е голема. Целиот просес го водат стручни лица кои ги разгледуваат апликациите. Потоа се прават бизнис плановите со менторска поддршка, за да се селектираат најуспешните. Може да се добијат средства за опрема, но и за нови вработувања. Новите бизниси добиваат и менторска поддршка до 12 месеци од основање на бизнисот.

Билјана Јовановска

„Имајќи во предвид дека се работи за самовработување, односно прептприемништво, многу е важно лицето што аплицирало да се почуствува подготвено во делот на водење сопствен бизнис. Затоа има повеќе фази, од пополнување прашалник, до разни обуки, правење бизнис планови, каде лицето треба да почувствува дека е подготвено да води свој бизнис, но од друга страна стручни лица ќе проценат колку е одржлив тој бизнис план. Не е целта само да се регистрира бизнис, туку и да е одржлив, а невработеното младо лице да успее во делот на претприемништвото“, појаснува Јовановска.

Финансиската поддршка, се согласува Мартин, е првиот чекор во започнувањето свој бизнис. Сепак забележува, на младите кои влегуваат во угостителскиот бизнис им треба и институционална поддршка.

„Повеќето од институциите задолжени за документи и елаборати, недоволно ги информираат новите сопственици. Инспекторатите треба да имаат точни одредби и насоки за тоа кои документи треба да ги обезбеди бизнисот. Кога ме посети Агенцијата за храна и ветринарство, влегоа во кујна и ми кажаа што е добро, да што да се коригира. Ми дадоа рок од 1 недела да направам овие промени што беше многу коректно. По една недела се вратија, изврши преглед и го затвори извештајот како позитивен“, се потсетува Мартин.

Тој е задоволен од одлуката да стане сам свој газда. Но, додава, треба многу труд и откажувања за да се опстане во бизнисот.

„Да, бидам искрен, првиот ден кога затворив,  кога одев кон дома, си реков – дали е можно да го правам ова , што ме натера. Отидов кај дистрибутерот каде земам пијалоци кој ми рече – Отвори,  лаунч бар? Па како можеше? Јас имав ресторан со 300 места, и едвај го затворив, нема полоша работа! Но, ете, нека ти е со среќа“, вели Мартин.

„Дојдов дома и реков – па како можев да се нафатам на овој залак, бидејќи немав појма за сметководствени работи, нормативи, регулативи, набавки…Но, со тек на време се научив и можам да кажам дека ако навистина некој  посветен и го сака тоа, воопшто не е тешко“, додаде тој.

Ивана, пак, полека, но сигурно го гази својот пат во бизнисот. Најголем проблем во текот на работата и останува културата на плаќање. Па така, кога клиентите доцнат со плаќање на изготвените фактурите, и таа е принудена да доцни или да се снаоѓа со обврските кон луѓето со кои соработува. За оние кои допрва се одлучуваат да почнат свој бизнис советува да направат добро истражување на пазарот, и да не се плашат од конкуренцијата.

„Би советувала најпрво да направат добро истражување, да се насочат кон она што го нема кај нас, но и тоа да го сакаат и да им биде предизвик, како и да бидат чекот напред. Секогаш ќе се роди конкуренција, но да имаат иновативност и идеја. Ние во првите три години немавме конкуренција, потоа се појавија компании што носеа светлосни форми, поевтини од Кина. Во тој момент увидовме дека понудата е голема и ги руши цените, па решивме повеќе да се фокусираме на дизајнот и донесовме уште дизајн форми кои е малку потешко да се реплицираат од кинеската конкуренција. И секоја година правиме нови увози, за да обновиме програма и бидеме интересни на побарувачите“, посочи таа.

Пред Ботега евенти се наоѓаат нови предизвици, клиентите од нив очекуваат многу иновации и дизајнерски елементи кои ќе бидат интересни во периодот кој следува. Мартин и неговиот Бранч бокс пак стојат пред предизвикот да го направат малиот локал место со најдобра храна во Скопје.

И двајцата се согласуваат, моментот кога започнаа свој бизнис, им го промени животот. На подобро.


Јасмина Јакимова