По повод изминатиот Меѓународен ден на Ромите (8 април), мрежата на „Јуроп хаус“ ги претставува аудиобајките „Сјајни ѕвезди – бајки раскажани од Ромите од Европа“, достапни за слушање на ромски, македонски и албански јазик.
„Дали знаете дека Ромите, со околу 12 милиони луѓе, се најголемото малцинство во Европа? А нивната култура – од музика и танц, до јазик и раскажувачка магија – е нешто што навистина го збогатува нашето заедничко европско ткаење“, велат од „Јуроп хаус“.
Оттаму истакнуваат дека веруваат во почитување на различноста, во вредноста на културите што ја градат Европа, и затоа сакаат да го поддржат гласот на оние што, како што велат, премногу често се игнорирани – а имаат толку многу да раскажат.
„Ромскиот јазик е јазик на живо зборување. А слушањето бајки на ромски не е само магично – тоа е начин за зачувување на јазикот, идентитетот и традицијата“, сметаат од мрежата на „Јуроп хаус“.
Слушни ги бајките на ромски јазик
…на македонски
…или албански
Оваа иницијатива ја реализираат во соработка со „Самоглас“ – дигитална платформа за аудиокниги, а книгата е креирана како дел од тригодишен проект поддржан од Европската комисија. Текстот е обработен од Здружението „Југендстил“, а илустрациите се од Петрос Филипидес, Грција.
„Слушни барем една бајка. Сподели ја со некого. Дај глас на приказните што нѐ поврзуваат. Нурнете и подлабоко во нивната култура преку кратките илустрации ‘Ромите во Европа и во Република Северна Македонија’ кои ги промовиравме лани по повод Меѓународниот ден на Ромите, преку мрежата на ‘Јуроп хаус’“, додаваат оттаму.