„АУМ“ во „Буква“ ќе го промовираат деби албумот „Grey Heron“

„Земи длабоко воздух. Додека издишуваш, изговори го звукот ‘А’. Полека почни да ја затвораш устата – звукот ќе се смени од ‘А’ во ‘У’ и конечно во ‘M’ кога твоите усни ќе се спојат. АУМ“.

Вака стои во најавата за концертната промоција на албумот „Grey Heron“ на триото „АУМ“ (AUM), која ќе се случи во среда (30 април) од 21:30 часот во „Буква“.

Деби албумот на „АУМ“ ги обединува Благојче Томевски, Константин Хаџи Коцев и Драган Теодосиев снимен во живо во КИЦ, Салон 19:19 во Скопје. Тие се чести соработници во многу формации, внесувајќи ги нивните заеднички перспективи и музички вокабулари во овој проект кој ги предизвикува слушателите да се нурнат во неговата длабочина.

„’Grey Heron’ (Сива Чапја) е истражување на светото и основното, инспирирано од АУМ – првиот звук, симбол на создавањето и уништувањето. Преку нивната музика, триото ја спроведува оваа дуалност, давајќи звук каде строгите форми обезбедуваат структура и фокус, овозможувајќи слободно ширење кон непознатата територија на звукот. Оваа музика резонира со тежината/леснотијата на постоењето, евоцирајќи го ехото на светиот слог АУМ“, стои во најавата за концертот.

Албумот е објавен под етикетата на „ПМГЏез“ (PMGJazz).