„АUX88“ во МКЦ за отворањето на „Скопје креатива“

Со концерт на „АUX88“ годинава ќе започне фестивалот на креативни индустрии „Скопје креатива“, под мотото „7 Пати до креативност“. Концертот ќе се одржи на 11 мај (петок), во 22 часот во Младинскиот културен центар.

„АUX 88“ е електрогрупа од Мичиген, САД, a членови на групата се Том Том (Томи Хамилтон) и Кит Такер (диџеј К1). Групата е основана во 1985 година, под името „RX-7“, а потоа формира уште еден проект познат под името „Глетка над глетката“, за конечно, во 1993, да се формира сегашната „АUX 88“.

Во 1995 година, Такер започнува соло кариера, додека Хамилтон продолжува да работи како дел од групата, заедно со танчерот Вилијам БиЏеј Смит. По заминувањето на Смит од групата во 1998, бендот станува солистички проект воден од Хамилтон, а Такер повторно се враќа. Објавуваат низа синглови, главно со продуцентската куќа „Диркт Бит Рекордс“.

Нивниот деби-албум „Is It Man or Machine? е објавен во 1996 г., проследен од соло проектот на Хамилтон, „Xeo-Genetic“ (1998), кој освојува награда за најдобар изведувач и најдобар албум во Детроит. Во 1999, „AUX 88“ објавува цеде како дел од серијалот на мешани албуми, „Електро буги“. Во 2005, објавува и трет албум со наслов „AUX 88“.

Тие се синоним за оригинално, висококвалитетно, автентично детроитско електро. Кон крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите градот Детроит станува синоним за современото техно движење и секако за модерното електро. Еден куп фантастични имиња, кои ги напишале најзначајните електро-техно музички страници доаѓаат од тн. ветровит град: „Андерграунд ресистанс“, Хуан Аткинс, Џеф Милс… Ја претставуваат онаа совршена електро точка, каде што се среќаваат уметничките амбиции на современата електронска музика и духовно-телесните потреби на танцувачката публика.

Се стекнуваат со светска слава, особено во круговите на најпребирливите познавачи на современата електро музика. Досега имаат реализирано 7 албуми. Нивниот настап е класичен техно (електро) концерт.

Од МКЦ го најавуваат како еден од најелитистичките настани на кои ќе имате можност да присуствувате оваа година. Диџеј сет ќе има и Мирко Попов.

Билетите по цена од 300 денари се достапни преку продажната мрежа на МК тикетс и на билетарницата на МКЦ.