Од граѓанската иницијатива „Аваја“ упатија реакција за присуство на навредливи термини кои се содржат во новата дигитална верзија на Толковниот речник на македонски јазик, кој од вчера беше пуштен во употреба.
„www.makedonski.gov.mk“ е веб-страната која вчера беше презентирана во Институот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, платформа која е поддржана од министерствата за образование и култура, но и Владата на С. Македонија.
„Со новиот дигитален речник Ромите добија дигитализација на навредите и антициганизмот. Дигиталниот Толковен речник содржи 100.000 зборови меѓу кои и циганче, поцигани, циганчи се, циганштија и циганштилак. Сите овие зборови во македонскиот јазик се користат како навредливи зборови кон ромската заедница. Овој нов или дигитализиран речник ја повторува истата грешка на веќе постоечките речници кои треба да се предмет на реформирање“, велат од „Аваја“, од каде побараа наведените зборови да бидат тргнати од дигиталниот речник.
Подоцна, оттаму информираа дека до здружението пристигнал допис од Владата во однос на навредливите зборови кон ромската заедница во Толковниот речник на македонскиот јазик.
„Институтот за македонски јазик ги разбира реакциите на ромската заедница и информира дека зборовите ќе бидат отстранети од “Толковниот речник на македонскиот јазик“. Од Владата информираат дека претставници на Владата и од МОН стапија во контакт со редакцијата на Толковниот речник на македонскиот јазик при што од стручниот тим на речникот во Институтот за македонски јазик веднаш било покажано разбирање и согласност зборовите што ги предизвикаа реакциите да бидат повлечени“, велат од „Аваја“.
Од здружението посочија дека стручниот тим на речникот во наредниот период ќе изврши ревизија на лексемите во речникот и ќе следи процес низ кој зборовите во речникот ќе се толкуваат соодветно според современиот лингвистички и општествен контекст.