Во киното „Фросина“ во МКЦ на 29 мај од 19:30 часот ќе се одржи концертна промоција на првото издание „Од екот на напредокот“ на составот „Авелина“.
„Авелина“ е уникатен неофолк-бенд од Македонија започнат како-соло проект на Сара Александровска (вокал и тамбура).
„Истражувајќи ги корените на македонскиот фолклор во потрага по музичка инспирација и поврзаност помеѓу современите музички трендови и традиционалните народни мотиви, заедно откриваат мноштво изненадувачки сличности и разлики, кои ја истакнуваат уникатноста на македонскиот фолклор. Ова е токму она што ќе го најдете во песните на ‘Авелина’, бенд што се обидува да ги замагли границите и да гради мостови што ќе ги поврзат традицијата и современиот живот“, стои во најавата за настанот.
Настапите на „Авелина“ се разновидни, со концерти и интерактивна музичка медитација каде што публиката е поканета да се приклучи во мантричното пеење заедно со бендот.
„Настанот е организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Ве молиме да се придржувате кон истите. Бројот на посетители е намален (70 седишта), носењето маски е задолжително за време на целиот настан“, се вели во најавата.