Во изминативе неколку дена, среде празничната сезона, климатски активисти ги нападнаа аеродромите и го блокираа сообраќајот прилепувајќи се на пистите. Најголемата авиокомпанија во Европа Луфтанза очекува климатските активисти да спроведат акции на самите летови, пренесува Ал Џазира Балканс.
„Активистите, како редовни патници, би можеле да влезат во авионот и да го нарушат летот, па дури и да го спречат“, стои во интерното предупредување испратено до вработените од раководството на Луфтанза.
Исто така, можно е авионите да бидат испрскани со боја, како што веќе беше случај со уметнички дела или културни споменици како што е Бранденбуршката порта.
На прашањето на медиумите, Луфтанза одби да даде детали, наведувајќи ги чувствителните безбедносни прашања.
Во петокот, полицијата во Хамбург уапси неколку активисти кои се обидуваа да влезат во областа на аеродромот и да го блокираат сообраќајот залепени до пистите.
Адвокатите за германските медиуми изјавија дека намерното прекинување на летот во самиот авион може да има сериозни правни последици за активистите, вклучително и години затвор.
Членовите на движењето „Последна генерација“ најавија дека ќе продолжат со протестите се додека германската влада не преземе „доволни чекори“ кои ќе ја наведат Германија да престане да користи фосилни горива до 2030 година.
[Видео] Климатски активисти ги блокираа пистите на аеродромот во Франкфурт