Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) апелира, во услови кога е прогласена вонредна ситуација поради коронавирусот, на сите медиуми – електронски, печатени и онлајн медиуми – да им се обезбеди еднаков пристап за известување.
„Имајќи ја предвид неопходноста граѓаните да бидат навремено, објективно и сестрано информирани за превенцијата од ширењето на коронавирусот и мерките коишто надлежните институции ги преземаат, институциите треба да вложат максимални напори во насока на што поинклузивно и потранспарентно работење. Во овој контекст, ја повикуваме Владата и државните органи да овозможат пристап на сите медиуми на своите прес-коференции и слични настани и одговорите на сите неодговорени прашања на конференцииите да бидат објавени на нивните веб страници“, соопштува АВМУ.
Воедно, од таму потенцираат дека сите медиуми, без исклучок, треба да известуваат професионално, одговорно и без сензационализам.
„Покрај ова, сите онлајн медиуми треба да имаат објавено импресум, име на авторот на текстот и податоци за сопственоста“, се вели во соопштението на АВМУ.
Истовремено, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги потсетуваат медиумите дека продолжува да биде отворена постапката за зачленување во Регистарот на професионални онлајн медиуми на овие две организации (Promedia.mk).
„Најважната цел на овој процес е да ѝ помогне на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат критериумите за членство и се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење.
„Имајќи ја предвид кризната ситуација што ја предизвика пандемијата на коронавирусот (КОВИД-19), како во државата, така и на глобално ниво, нашите две организации ќе продолжат да ги повикуваат медиумите да се однесуваат професионално и етички и да не придонесуваат во ширењето невистини и предизвикувањето паника во јавноста. Ширењето на КОВИД – 19 е причина за голема загриженост кај јавноста, но известувањето во некои медиуми придонесува кон зголемување на вознемиреноста на начин што не е етички оправдан, а ширењето дезинформации може да доведе до сериозни последици“, се вели во соопштението на СЕММ и ЗНМ.
Оттука, велат тие, апелот за зачленување во Регистарот е дел од заложбите да се поттикне значајната улога на медиумите во правилно разбирање на појавата на коронавирусот, последиците од неа и начините на ефективна превенција.
„Наш заеднички интерес е да се зголеми членството на медиумите во овој Регистар, а со тоа и определеноста на медиумите да работат професионално, одговорно и етички преку почитување на процесот на саморегулација и критериумите кои што се засноваат на практиката во развиените демократски општества и Советот на Европа, а консултирани со новинарската и медиумската заедница. Досега овој процес е поддржан од голем број медиуми, Стопанската комора на Македонија и меѓународната заедница, а во моментот Регистарот има 102 членки“, соопштуваат СЕММ и ЗНМ.
СЕММ веќе добила претставки за неетичко известување во врска со коронавирусот, па во таа насока апелираа до јавноста да продолжи да реагира на случаите на непрофесионалност и да придонесе во спречувањето на дезинформациите во медиумите.