Австралија денеска ги повика на работа „бекпекерите“, односно луѓето кои со ранци патуваат низ земјата и студентите, како дел од напорите да се зголеми бројот на работна сила која е „осакатена“ од новиот бран на коронавирусот, пренесува српски „Евроњуз“.
„Движете се ширум земјата, а истовремено придружете се на нашата работна сила и помогнете на нашиот земјоделски сектор, нашиот угостителски сектор и многу други делови од економијата“, рече австралискиот премиер Скот Морисон на прес-конференција.
Морисон рече дека неговата влада се откажува од данокот за поднесување на апликација за виза од 453 американски долари за секој „бекпекер“ или студент кој ќе стигне во Австралија во наредните 12 недели и ги повика да бараат работа додека патуваат низ земјата.
Австралиските компании имаат потешкотии поради зголемениот број работници кои се на боледување или на кои им е наредено да се изолираат поради контакт со заразени.
Недостигот на работна сила создаде недостиг во снабдувањето, што доведе до тоа големите продавници повторно да воведат ограничувања за купување на основни прехранбени производи.
Најновиот повик на Морисон е упатен истиот ден кога американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) ги советуваше своите граѓани да не патуваат во Австралија и во 21 друга земја поради зголемениот број случаи на Ковид-19.