Австрискиот парламент вчера со големо мнозинство усвои Закон за потпомогнато самоубиство според кој на тешко болните ќе им биде овозможен пристап до смртоносен лек од Нова година, пренесува „Ал Џазира Балканс“. Сепак, оваа опција е отворена само за лица кои се сериозно и терминално болни. Активната евтаназија сè уште е забранета, наведуваат медиумите.
Новиот закон стана неопходен откако Уставниот суд ја укина забраната за потпомогнато самоубиство. По мислењето на судијата, со ова се повредува правото на самоопределување.
Новиот Закон за потпомогнато самоубиство содржи неколку услови кои мора да се исполнат.
Па така, лицето кое бара евтаназија мора да има најмалку 18 години и да има медицинска дијагноза, а секој случај ќе го оценуваат двајца лекари. Дополнително, ќе треба да поминат најмалку неколку недели за да се осигура дека лицето не бара евтаназија поради привремена криза. Дури тогаш ќе можат да го набават смртоносниот лек во аптека.
Владејачката конзервативна Австриска народна партија и нивните партнери Зелените го подржаа законот во парламентот, како и опозициските социјалдемократи и либералната партија Неос. Единствено со законот не се согласи екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија.