Зборот на годината според речникот „Меријам-Вебстер“ го посочува еден од најголемите проблеми во 2023: разликата помеѓу „вистинско“ и „лажно“.
Зборот на годината треба да го претстави духот на времето, а во време на пост-вистина, ЧетГПТ и дипфејкс, границата помеѓу „вистинското“ и „лажното“ е нејасна.
Американската издавачката компанија „Меријам-Вебстер“ го избра Зборот на годината за 2023 и тоа е „автентично“.
Според „Меријам-Вебстер“, зборот „автентично“ има повеќе значења, како на пример „нелажно“, синоним е за реално и вистинско и исто така „да се остане лојален на сопствениот карактер, дух или личност“.
Според лексикологот и уредник Питер Соколовски, пребарувањата на зборот „автентично“ на веб-страната на „Меријам-Вебстер“ драстично се зголемиле годинава.
„Оваа година забележана е криза на автентичноста. А она што го сфативме е дека кога автентичноста е доведена под прашање, ја цениме уште повеќе“, изјави Соколовски.
„Автентичноста“ забележа значителен раст во 2023 година, поттикнат од приказните и разговорите за вештачката интелигенција, поп-културата, идентитетот и социјалните медиуми. Ова беше година на вештачка интелигенција, но и година кога OpenAI претрпе лидерска криза.
Истовремено, Илон Маск ги повика политичарите, министрите и другите лидери да зборуваат „автентично“ на социјалните мрежи.
„Автентично“ е Збор на годината за 2023, кога „Меријам-Вебстер“ слави јубилеј од 20 години избирање на популарен збор кој ја опишува годината.
Во 2022, Збор на годината според „Меријам-Вебстер“ беше „гаслајтинг“.