Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) утрово по 9 часот престанаа да сообраќаат по скопските улици, во знак на протест поради неисплатената декемвриска плата.
Автобуските постојки во поширокото централно подрачје беа невообичаено попразни во однос на другите денови, а низ булеварите можеа да се забележат само приватните автобуси кои се дел од јавниот транспорт во градот.
Престанокот со работа вчеравечер го најавија од синдикатот на ЈСП. Оттаму претходно посочија дека автобусите ќе сообраќаат до 9 часот утрово, за граѓаните, болните лица, учениците и вработените да стигнат на своите дестинации.
Од синдикатот најавија и дека ќе одржат протест од 10 часот и 30 минути пред Советот на Град Скопје. Таму, веќе во 11 часот е најавена вонредна седница на советот за субвенции на ЈСП од 11 милиони евра.
Доколку бидат изгласани субвенциите, веќе од утре се очекува автобусите редовно да возат по градските улици.
Мартин Колоски