Азербејџан ја затвора редакцијата на британската телевизиска мрежа „Би-Би-Си“ во Баку, одлука што медиумот ја опиша како „ограничување на слободата на печатот“, пренесува Н1.
„Одлуката за затворање на канцеларијата на ‘Би-Би-Си’ во Азербејџан им беше соопштена на претставниците на ‘Би-Би-Си’ во Азербејџан на 13 февруари“, изјави Ајахан Хаџизаде, портпарол на азербејџанското Министерство за надворешни работи.
Тој не ја објасни причината за затворањето, само рече дека Баку дејствува врз основа на „реципроцитет“.
„Нема правна причина канцеларијата на ‘Би-Би-Си’ да продолжи да работи“, рече Хаџизаде, додавајќи дека еден од новинарите на ‘Би-Би-Си’ сè уште има валидна акредитација за работа во Азербејџан.
Портпаролот на азербејџанската дипломатија го обвини „Би-Би-Си“ дека ја „политизира“ ситуацијата и практикува „двојни стандарди“, став кој е „неприфатлив“.
„Би-Би-Си“ реагираше дека, по усни инструкции од азербејџанското Министерство за надворешни работи, британскиот медиум донел жална одлука да ја затвори својата канцеларија во земјата.
„Длабоко жалиме за оваа рестриктивна мерка против слободата на печатот“, се вели во соопштението на „Би-Би-Си“, чиј сервис на азербејџански јазик има публика од околу еден милион луѓе и работи во Азербејџан од 1994 година, по распадот на Советскиот Сојуз.
Азербејџан е рангиран на 164-то место од 180 земји на Индексот за слобода на печатот што го составува меѓународната невладина организација „Репортери без граници“.
„Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев го уништи секој облик на плурализам. Од 2014 година води беспоштедна војна против последните критички гласови“, напиша невладината организација на својата веб-страница.