Ажурирано зонирањето на идниот национален парк „Шар Планина“, Зоната на строга заштита намалена за преку 5%

По процесот на јавна консултација, Министерството за животна средина и просторно планирање го објави ажурираниот предлог за зонирање на делот од Шар Планина кој се предвидува да се претвори во национален парк.

Од Министерството информираат дека консултациите по Нацрт-законот траеле четири месеци и дека по усогласување на различните забелешки и барања со клучните засегнати страни и локалното население било доставено ажурираното зонирање како Анекс на Студијата за валоризација.

Според овој предлог идната Зона на строга заштита ќе биде 16.651 хектари, односно скоро 27% од вкупната површина на паркот. Таа е поделена на пет одделни единици – Љуботен, Бистрица, Кобилица, Лешница и Маздрача.

„Зоната на строга заштита претставува дел со највисок интерес за заштита, што се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите или има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики. Во оваа зона се наоѓаат најзначајните екосистеми и живеалишта: глацијални езера, тресетишта, високопланински пасишта, алпски камењари, вриштини со боровинки, смреки и Empetrum, најзначајните шумски екосистеми; како и значајните предели и најголем дел од значајните видови, особено од васкуларните растенија, дијатомеите, дневните пеперутки итн“, стои во Анексот на Студијата.

Она што на прв поглед може да се забележи споредувајќи го првичниот и ажурираниот предлог на зонирање е дека зоната на строга заштита значително е намалена во новиот предлог. Во првичниот предлог, во Студијата за валоризација, оваа Зона зафаќаше 32,2% од вкупната површина на идниот национален парк, а во ажурираната верзија 26,55%.

Од Министерството информираат и дека дополнително биле организирани и теренски посети, прибирање на податоци и стручни консултации од кои произлегле:

  • Ревизија на Студијата за валоризација и предложеното зонирање на НП Шар Планина;
  • Компаративна анализа и усогласување со соседните национални паркови (Република Северна Македонија и Косово), како и меѓународна пракса (Австрија, Германија и Словенија);
  • Анализа на релевантните членови на Законот за заштита на природата и другата релевантна легислатива;
  • Анализа и ажурирање на релевантните членови во Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк“, објаснуваат од Министерството.

 

Финалниот предлог за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк е преточен во Предлог на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата II – Национален парк и е достапен на следниот ЛИНК.