БАФТА воведува категорија за награда за филм за деца

Британската академија за филм (БАФТА) објави нова категорија за најдобар филм за деца и семеен филм. Во оваа категорија може да конкурираат филмовите кои имаат рејтинг на сертификат „U“, „PG“ или „12A“.

Новата категорија ќе ги „слави најдобрите филмови кои се наменети за меѓугенерациска публика“ и „претставуваат суштински креативни придонеси на детскиот медиумски сектор“, се вели во соопштението на БАФТА.

Ова е првпат во пет години БАФТА да воведе нова категорија и таа ќе стартува на февруарската церемонија во 2025 година.

Инаку, до минатата година БАФТА ги доделуваше Детските награди во рамки на Британската академија, по што најави дека ќе престани и дека ќе ги вклучи во годишното доделување.

Во моментов, останатите големи филмски манифестации кои доделуваат награди немаат одредено категорија за деца и семејни филмови. Академските награди, познати како Оскари и Холивудските Златни глобуси имаат категорија за анимиран филм, во која вообичаено победува „филм за деца“, но нема поставено услови за оценување. Сепак, „Гардијан“, во меѓувреме пишува дека Оскарите насоро ќе најават посебна категорија за филмови за деца.

Од трите главни европски филмски фестивали – Венеција, Кан и Берлин, само вториот има секција посветена за киното за деца.

Европската филмска академија воведе награда за млада публика во 2012 година каде три европски филмови се прикажуваат на деца од цела Европа кои се на возраст од 12 до 14 години.

Најсеопфатните филмски награди за филмови за деца се организирани од Европската асоцијација за филм за деца.