Фантастичното RPG „Baldur’s Gate 3“ го доби признанието за најдобра игра за изминатава година, откако синоќа се одржа најголемата церемонија на доделување награди во гејминг индустријата – „Game awards 2023“.
Актерот Тимоти Шаламет, кој и самиот е гејмер, пред преполната сала во Лос Анџелес го објави името на победникот „Baldur’s Gate 3“, а меѓу листата конкуренти беа и „Alan Wake 2“, „Spiderman 2“, „Super Mario Wonder“, „Legend of Zelda: Tears of the Kingdom“ и „Resident Evil 4: Remake“.
Прифаќајќи ја наградата, од белгиското „Larian Studios“ рекоа дека епската игра базирана на „Dungeons and Dragons“ е труд на љубов.
„Вложивме шест години, оставивме срце и љубов во играта. Понекогаш во тешки услови, ова беше нашата ‘ковид игра’. Попатно изгубивме и луѓе, па сакаме оваа награда да им ја посветиме ним“, кажаа белгиските развивачи на игри.
„Baldur’s Gate 3“ доминираше на наградите со шест победи, вклучувајќи за најдобар перформанс, најдобро RPG и во изборот од играчите.
Хоророт „Alan Wake 2“ понесе три награди за најдобра режија, нарација и уметничка насока.
Други значајни победи беа на ТВ серијата „The Last of Us, која ја освои најдобрата адаптација, „Cyberpunk 2077“ за најдобра тековна игра и авантурата со загатки „Cocoon“ во категоријата најдобра независна игра.
Понатаму, „Forza Motorsport“ го доби признанието за иновацијата во пристапност, „Tchia“ беше прогласена за победник во категоријата „Game for Impact“, најдобра акциона игра е „Armored Core VI“, додека акција/авантура – „Legend of Zelda: Tears of the Kingdom“.
Инаку, церемонијата „Game Awards“ е мешавина од доделување награди, но и прикажување нови трејлери и најави за претстојни наслови. Па така, фановите првпат го погледнаа трејлерот за „Exodus“, научно-фантастичниот RPG од „Archetype Entertainment“, студио составено од поранешни развивачи на „Bioware“.
И легендарниот креатор на видеоигри Хидео Коџима го претстави „OD“, или „Overdose“, проект на кој работи со режисерот на „Get Out“, Џордан Пил.
Беше претставен и римејк на играта „Brothers: A Tale Of Two Sons“ од 2013 година, заедно со новиот трејлер на „Hellblade 2: Senua’s Saga“ и „Final Fantasy VII: Rebirth“.
Гејмерите, исто така, добија увид во играта „Jurassic Park: Survival“, а „Sega“ објави дека ги оживува класичните франшизи „Crazy Taxi“ и „Jet Set Radio“.
Наградите следуваат по годината кога беа укинати илјадници работни места во гејминг-индустријата, и покрај натпросечниот број на високо ценети наслови.
Компаниите за игри, вклучително и производителот на „Fortnite“ – „Epic Games“, развивачот на „Assassin’s Creed“ – „Ubisoft Montreal“ и креаторот на „Pokemon Go“ – „Niantic“, најавија намалувања.
Наградите, организирани од гејминг новинарот Џеф Кили, честопати се критикувани за трошење повеќе време на трејлери и реклами отколку за делење награди за време на тричасовното шоу.
И оваа година имаше поплаки дека шоуто забрзано тече низ повеќе награди одеднаш без да ги покани победниците на сцената.
Веб-страницата за игри „Kotaku“ напиша: „Во година кога програмерите беа отпуштани речиси секоја недела, ќе беше убаво… да им дадеме момент на сите овие талентирани луѓе да блеснат“.
„Game Awards“ имаше вкупно 31 награда во широк спектар на категории, вклучувајќи аудио дизајн, најдобра инди игра и пристапност и иновација. Победниците се одлучуваат од страна на комисија составена од експерти од индустријата и гласање од обожавателите кое се вбројува со 10% во конечниот резултат.
Целосната листа на победници може да се погледне на веб-страницата на „Game Awards“.