Романтичниот балет во два чина, „Жизел“, кој е дел од новата балетска продукција на НОБ, ќе се одигра на 3 ноември, среда, со почеток во 20 часот. Балетот премиерно се изведе на 30 октомври.
„Жизел“ е еден од ретките балети кој има непрекината традиција на изведување, а праизведбата за прв пат се одржала во Париз во 1841 година.
Од НОБ велат дека балетот претставува магична и безвременска приказна за несреќната љубов, која е преточена во музиката на францускиот композитор Адолф Адам, а во кореографија на Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа иЛеонид Лавровски.
„Адаптацијата на кореографијата е на Ирена Пасариќ од Хрватска, која е хрватска примабалерина со богата домашна и меѓународна кариера, како и поранешен директор на Балетот на Хрватско народно казалиште (ХНК) во Загреб. Диригент на претставата е Иван Еминовиќ. Костимографијата е на Александар Ношпал,
сценографијата на Александар Ношпал и Михајло Стојановски. Светло дизајнот е на Милчо Александров“, известуваат од НОБ.
Во улогата на „Жизел“ ќе настапи првенката Мими Поп Алексова Атанасовска, а во улога на Алберт, ќе настапи Бобан Ковачевски.
Во улога на Хиларион ќе биде Игор Велановски, а Мирта ќе ја игра Ивана Коцевска. На сцената ќе настапи оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести.
Влезот е дозволен само со потврда за извршена вакцинација против КОВИД-19 или потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
Задолжително е носење на заштитна маска.