Националната aсоцијација на пронаоѓачи на Македонија го претстави својот нов проект „Балканска патент иницијатива“, кој има за цел да им обезбеди на пронаоѓачите во регионот поголеми олеснувања при пријавувањата на нивните патенти, пред сè во соседните држави, но и пошироко, како во административна така и материјална смисла.
Законот за патенти на Р. Северна Македонија, но и Европската патентна конвенција предвидуваат пријавувањето на домашен патент во друга држава да се врши преку овластен застапник, со што на пронаоѓачите им се зголемуваат трошоците и им се усложнува административната постапка, велат од асоцијацијата.
„Со ова пред сè, се погодени иноваторите во својство на физички лица. Ваквата ситуација целосно го блокира протокот на патенти посебно помеѓу државите од бившите ЈУ простори, што е евидентно и лесно проверливо. За среќа, Законот за патенти како и Европската патентна конвенција дозволуваат билатерални државни спогодби, што овој проект го прави лесно остварлив“, посочуваат од асоцијацијата.
Оттаму неодамна се сретнаа со премиерот Зоран Заев кому му ја претставиле идејата за проектот, за која тој изразил интерес и подршка. Тие дале и предлози за подобрување на ситуацијата врзана за реализација на домашните патенти.
„Во светот општо, патентите даваат висок придонес во домашните економии. Укажано е дека стапката на нашите реализирани домашни патенти, во однос на развиените земји е безначајна“, истакнуваат од асоцијацијата.
Според нив, за подобрување на ваквата ситуација потребна е поголема комуникација со државните институции. Но, како што забележуваат, дел од нив се недоволно наклонети кон домашните патенти, или воопшто не покажале интерес.
„Институции кои помалку или повеќе имаат поврзаност со патентите се: Фондот за иновации и технолошки развој, Стопанската комора на Р.С. Македонија, Министерство за економија, Министерство за образование, Државниот завод за Индустриска сопственост и др. Комуникацијата помеѓу овие институции по однос на домашните патенти е на многу ниско ниво, така што пронаоѓачите се принудени да талкаат од една до друга институција“, реагираат од асоцијацијата.