Институтот за развој на заедницата (ИРЗ) организира мини фестивал за човекови права утре, 11 јули, со почеток во 10 часот во просториите на Центарот за младински активизам Крик, а во рамки на Балканскиот караван на давателите на социјални услуги во заедниците.
„Балканскиот караван е настан кој има за цел да собере учесници од организации, даватели на социјални услуги од земјите од Западен Балкан, кои ќе патуваат со караванот, ќе ја презентираат својата работа и ќе разменуваат добри практики кои се имплементираат во земјите од Западен Балкан“, велат од ИРЗ.
Караванот вклучува улични акции, работилници, презентации, културна и забавна програма. Тој стартуваше во понеделникот, 8 јули, во Мостар, па беше во Никшич на 9 јули, денеска е во Елбасан, а утре ќе биде во Скопје. Потоа, ќе продолжи во Приштина и официјално ќе заврши на 13 јули во Нови Пазар.
На утрешниот настан ќе бидат промовирани практики за човечки ресурси и социјална вклученост во регионот. Презентации за својата работа, влијание во заедницата и добри практики ќе имаат Крик, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – Хера и организацијата „Љубезност“ како и организациите „Altruist“ од Босна и Херцеговина, „Jesuit Refugee Service“ од Србија и „Medpak“ од Албанија.
Исто така, ќе има и изложба на која ќе бидат прикажани слики, рачни креации и други креативни дела од корисниците на Центарот за младински активизам Крик, но и практична сесија за креирање маици на која учесниците ќе имаат можност да видат како се креира маица со ДТГ (директно на текстил) принтер. Ќе има и информативни разговори за родово базирано насилство, работилница за изработка на монистра, како и панел дискусија на тема „Предизвици на давателите на социјални услуги и можни решенија“.
Сите заинтересирани треба денеска, 10 јули, да испратат потврда за учество на е-маил адресата cdi.zivorad@gmail.com.
Инаку, настанот е организиран во соработка и партнерство со Хера и Крик, а во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите и ангажманот во политиката на давателите на социјални услуги во заедницата“.