Во Музејот на град Скопје вечерва (21 јануари) ќе биде отворена изложба „Балкански современ акварел“ на која ќе учествуваат автори од Македонија (В.Ташковски, Т.Јанчевски, И.Кафкалески, Н.Бутров, Д.Ордев, О.Димитриева Оља и С.Цветановски), како и автори од Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија, Хрватска и од Турција. Куратор на проектот е историчарот на уметноста Виктор Божурски.
„Преку најизразитите претставници од балканските земји се допира до најсуптилните естетски дострели покажувајќи дека, иако запоставен, акварелот овозможува врвни уметнички резултати со широк дијапазон на стилски припадности. Покрај желбата да се направи увид во состојбите на овој план на актуелниот миг во балканските земји, намерата е преку изложбата да се делува на менувањето на сфаќањата за инфериорната положба на акварелот во поглед на неговото вреднување. Претпоставка е дека ова ке биде уште еден прилог кон давањето придонес во менувањето на маргиналната поставеност на оваа ликовна дисциплина, повеќе или помалку, скоро во сите средини“, велат организаторите на изложбата.