Балонот со ликот на Трамп ќе заврши во Музејот на Лондон

Бебешкиот балон со ликот на Доналд Трамп, кој леташе над Лондон кога во 2018 година американскиот претседател оствари посета на Велика Британија, ќе добие траен дом во Музејот на Лондон.

Музејските служби го откупиле реквизитот и ќе го постават во нивната колекција на дела поврзани со протести.

На балонот беше карикатурално прикажан претседателот Трамп како бебе во пелени, со незадоволен израз на лицето и мобилен телефон во раката.

6-метарскиот балон на надувување од Музејот е наречен „извонредна и креативна идеја“ и „одговор на жителите на Лондон“.

Директорката на Музејот на Лондон, Шерон Амент, вели дека музејот не зафаќа политичка страна и дека нема никакви пристрасности во врска со политичката ситуација во САД. Сепак, додава таа, балонот е поврзан со типичниот британски одговор – сатирата.

„Користиме доста хумор. И сакаме да се шегуваме со политичарите. Ова е голем, буквално голем, пример на тоа“, додала таа.

Во соопштение од креаторите на балонот, тие изразуваат надеж дека ова дело ќе биде „потсетник за политиката на отпор која се случуваше за време на мандатот на Трамп“.

 

Доналд Трамп ги извршува последните денови од својот претседателски мандат, со тоа што во среда новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе ја преземе функцијата.