Втора седмица по ред, во исто време, граѓани упатуваа поплаки за извршни решенија од извршители пред Министерството за правда.
Тие се револтирани од работата на извршителите и одново побараа да се исполнат нивните барања, како запирање на блокирањето на сметките, ограничување на времетраењето на наплата на долгот и регулирање на застареноста на долговите.
„Да престане блокирањето на сметките, тоа е член во Законот за платен промет, под кое нема директна ингeренција Министерството за правда, да има ингеренција целата влада, значи Mинистерството за финансии. Tој член каде што на извршителите им се овозможува да блокираат сметка во банка е нечовечки, нехуман и се коси со Универзалната декларацијата за човекови права. Значи на тој начин му се оневозможува на човекот да ги извади основните средства за живот, значи оние пари што ги има на сметката. Второ, наплатата на долгот, да не трае подолго од две години, а не десет… петнаесет години. Извршителите ги чуваат по десет години, по осум години, туку тоа да биде кратко, значи се работи за две години, од настанување на долгот до денес, значи од 2017 до 2019“, вели Ана Глигорова од „Стоп за извршители“.
Глигорова во однос на третото барање, за кое вели дека е многу важно, посочува дека за разлика од кривичните постапки, кои можат да застарат, вакво нешто не е предвидено кај долговите.
„Ми носат луѓе овде со долгови од Македонска Банка… (на) Груевски му застаре кривичното дело за Македонска Банка, а за обичните луѓе, некои си виртуелни суми за банка која не постои, (процесите) сè уште траат.. Водовод наплаќа долгови од 1987 долгови… Па ЕВН ќе исклучи струја за 2008, луѓе ми кажуваат, ми ја исклучија струјата за 2008 година, а сега сме 2019 година. Тоа е веќе застарено и на човекот веднаш кога ќе му се исклучи струјата, исто како да е блокиран, тој не може да функционира без струјата, основно човеково право. Ова се интервентни мерки, кои сакаме Министерството за правда да ги земе во оглед, бидејќи тие се должни да го набљудуваат тоа што го прават извршителите. Тие ги назначуваат, тие ги разрешуваат“, додава Глигорова.
Трпението е при крај, вели Марјан Ристески од „Стоп за извршители“, додавајќи дека граѓани од останатите градови сакаат масовно да им се приклучат.
„Најверојатно, се ближи денот кога ќе ги повикаме сите граѓани од сите градови, и после кога ќе се собереме тој ден, нема повлекување. Ќе останеме и дење и ноќе тука, додека не се реши проблемот“, рече Ристески.
Тој вели дека ниеден извршител не одговара, додека во меѓувреме одговара специјален обвинител, како и политичари.
„Бараме ветинг и на извршителите, да докажаат од каде им се парите. Извршителската функција стана најплатена функција во државата, никој не зема толку пари, што измислија тие освен да го ‘пљачкаат’ народот? Има разни умови во Македонија, гледате колку земаат плата, инженери, професори, доктори… мора да се стави крај на ова, бидејќи, гледате, народот ја напушта државата“, вели Ристески.
Од Министерството за правда денеска се сретнаа со граѓаните кои протестираа, а оттаму соопштуваат дека вршат анализа на претставките на граѓаните за работата на извршителите и нотарите.
„Најголемиот проблем кој го воочи Министерството за правда, всушност се големите камати кои често, неколкукратно го надминуваат основниот износ на долгот. Според Законот за облигациони односи, каматата тече до денот на исплата на долгот. Главниот проблем што се јавува во пракса е тоа што често каматата го надминува главниот долг. „Министерството за правда во моментот врши анализи и консултации за измена на Законот за облигационите односи со кои би се направиле законски ограничувања каматата да го надмине првичниот износ на долгот“, се вели во соопштението на Министерството за правда испратено до медиумите.
Од Министерството, сепак, потенцираат дека постојат проблеми во ретроактивното важење на законските измени.
„Тоа укажува дека решението на проблемот може да се бара во носење закон за отпис на камати, при што треба да се обезбедат средства за надомест на каматите, кои ги побаруваат приватни доверители, што не е во надлежност на Министерството за правда“, додаваат од ресорното министерство.
Организаторите на протестот изразија надеж дека овие собири ќе се интензивираат. Порачаа граѓаните да им се приклучат, поради, како што велат, со нивното присуство, преку молба или поплака, можат да допринесат самите за себе.
Мартин Колоски