Во вчерашниот терористички напад во Барцелона повреден е еден македонски државјанин и тој е вон животна опасност, информира македонското Министерство за надворешни работи.
Оттаму соопштуваат дека во „комуникацијата остварена со надлежните служби, македонската амбасадата во Шпанија дојде до информација дека еден македонски државјанин во моментот се наоѓа во болница во Барселона”.
„Лицето во моментот на извршување на нападот се наоѓало во непосредна близина и се здобило со скршеница на зглобот на ногата. Лицето се наоѓа вон животна опасност и е третирано од страна на шпанските медицински служби.
Претставник од македонската амбасада во текот на ноќта се упати кон болницата каде што се наоѓа повредениот македонски државјанин”, соопштува МНР.
Од Министерството информираат дека ова се важни телефони кои можат да им бидат од корист на граѓаните:
00 34 620 126 308 – број на претставник на македонска амбасада во Шпанија
00 34 932 142 124 – број од шпанските институции за информации за засегнати роднини / пријатели.
Во текот на вчерашниот напад на плоштадот Лас Рамблас загинаа 12 лица а над 100 се повредни. Шпанските власти соопштија дека во нападот загинале, или се повредени државјани на 24 земји. Одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава.
Но, шпанската полиција информираше дека е спречен и втор напад 120 км јужно од Барселонa, кога автомобил удрил во пешаци околу полноќ на шеталиштето во Камбрилс.
Во оваа акција на шпанската полиција се убиени петмина терористи кои подготвувале сличен напад во Камбрилс, а ранети биле шестмина цивили и еден полицаец.