Во време на сеопшта бркотница во светските градови, движењето за бавен урбан живот „Бавен град“ кое го предводи еден Италијанец, го шири своето глобално влијание обидувајќи се да ги направи малите градови подобро место за живеење.
Пјер Џорџо Оливети од својот роден град Орвиетo, средновековен бисер во централниот дел на Умбрија, опкружен со дворци и лозја, ја проширил идејата за бавно живеење во 28 земји, меѓу кои се и Јужна Кореја, Турција и САД.
„Cittaslow претставува почитување на она што сме и што го имаме, без деструкција и краткотрајни вредности, пари и ресурси. Тоа е противтежа на негативната глобализација“, објаснува Оливети.
Движењето е основано 1999 година кога филозофијата за бавна храна е преточена во филозофија за бавен живот воопшто. Денес движењето вклучува 183 градови со иста мисија, а уше десетина поднеле барање за членство.
Симбол на движењето е портокаловиот полжав кој носи град изграден на сопствената куќа.
Градовите кои сакаат да се приклучат на ова семејство мораат да имаат помалку од 50.000 жители, а градската управа мора да ги почитува строгите критериуми како што се промовирањето на органското и урбаното земјоделство, и воведување часови за промовирање здрава храна во училиштата.
Градот Орвието е еден од првите членови во движењето, кон кое пристапил пред 15 одини. Тој е меѓународно седиште на движењето и негов град-излог. Долж неговите улици се простираат и мали семејни ресторанчиња кои служат локално вино и специјалитети, што е еден од условите за придружување на движењето Cittaslow, а фармерите ја промовираат својата стока на пазарите, кои исто така претставуваат центри на општествените заедници.
Нивото на загадување во градот е ниско, посетителите ги оставаат своите возила во големи подземни гаражи. Учениците секојдневно пешачат до училиштата во групи кои ги следат родители-волонтери во рамки на иницијативата PiediBus.
Градоначалникот Антонио Кончина вели дека следењето на овој модел не е ниту тешко ниту чудно.
„Не станува збор за спречување на прогресот, туку принцип кој дозволува градот да ги почитува правилата на бавното живеење. Прогресот и бавниот живот можат да одат рака под рака“, вели тој.
Еколошки прифатливиот живот сепак не му помогнал на градот да ја избегне економската криза. Денес во Орвието 35,4% од граѓаните се невработени, што е далеку повеќе од националниот просек.
„Се бориме да ја задржиме главата над површината на водата. Орвието некогаш бил полн со работилници, ги имало на секоја улица, а денес мислам дека останавме само ние“, раскажува Гаја Ричети, човек чие семејство седум генерации обработувало дрво.
Сепак, основачите на движењето за бавен живот се надеваат дека наскоро ќе успеат да ги убедат и властите во поголемите градови, од Барселона до Сеул, да им се придружат за оваа култура да може да заживее и среде градската врева.