Бавни и задоцнети еколошки проекти во годината што измина

Заштитата на животната средина и во 2023 година не беше меѓу врвните приоритети на македонските политичари. Традиционално, децениските проблеми со недостатокот на финансии, на капацитети во институциите и на конкретни проекти кои даваат видливи резултати, се повторија и во изминатите 12 месеци. Оние проекти, пак, кои се отпочнати и се во тек, се реализираа бавно и со доцнење од различни причини, како што се финансиите и недоволните капацитети или, пак, скриените бизнис и политички интереси, пишува Новинската агенција Мета.

Она што ја одбележа минатата година во позитивна смисла е заложбата за трансформирање на енергетскиот сектор, зависен од фосилни горива, кон одржливи, обновливи извори на енергија. Годината секако ќе биде запаметена по интересот за фотонапонските централи, кои засега се поинтересни и попристапни за инвеститорите-бизнисмени, отколку за граѓаните.

Пред Климатскиот самит во Дубаи беа најавени и инвестиции во праведна енергетска транзиција од 85 милиони евра, за кои властите нè уверуваат дека ќе стартуваат веќе оваа 2024 година. Тоа значи дека треба многу брзо да очекуваме заложбите на Владата да се преточат во проекти, особено за битолскиот и кичевскиот регион повеќе да не бидат шампиони во загадување или во смртни случаи поврзани со загадување.

Во последниот Извештај на европската комисија се констатира дека напредокот во заштитата на животната средина е „ограничен“. Ова особено се однесува на третманот на отпадот, решавањето на аерозагадувањето и борбата со климатските промени. Минатата, 2023 година беше втора по ред во која се најавуваше донесувањето на Законот за климатска акција, клучен за нашиот одговор кон влијанијата на климатските промени, но, очигледно, додека да се донесе, процесот влегува во третата година по ред.

Аерозагадувањето и е понатаму проблемот број еден со кој се соочуваат урбаните средини. Сведоци сме на екстремни бројки на концентрации на ПМ 10 и 2,5 честички во Скопје, Струмица, Кичево, Куманово, Кочани….. но, и на молк и незаинтересираност на локалните власти. Омилената изјава на политичарите, дека аерозагадувањето не се решава преку ноќ, веќе не поминува. Проблемот е присутен толку долго, што досега, не само краткорочни, туку резултати требаше да дадат и среднорочни мерки. Сепак, реализацијата на проектите кај нас најчесто се движи со брзина на полжав, а последиците ги трпат граѓаните.

Лани немаше големи поместувања ниту во третманот на отпадот, една од најзапоставените гранки на заштитата на животната средина во земјава. Иако и министерката за животна средина, Каја Шукова, во интервју за Мета.мк призна дека е срамно што немаме ниту една депонија по европски стандарди, и во 2023 ниту еден од овие проекти не се доведе до крај.

Може да констатираме дека активно се работи на процесите за регионалните депонии, но и тука бавноста и времето кое изминува е проблем. За одбележување во годината што измина е и нефункционалноста на системот за селекција на отпадот, што допринесува за лошиот впечаток за нашата земја, како исклучително валкана. И во 2023 година не успеавме да ги исчитиме ниту реките, ниту планините, а не гледаме ниту некој прогрес во менување на навиките кај граѓаните.

Жешките точки на историски отпад „жежеа“ и лани. Чистењето на малата депонија со отпад во ОХИС тече, но не со брзината и ефикасноста која беше најавена на почетокот и која ја очекувавме. Проблем е и обезбедувањето на средства за довршување на проектот до крај, а да не зборуваме дека на ред чекаат и големата депонија и Пеленица. Црниот рид со троска од велешката топилница не се намали ниту за сантиметар во 2023 година. Расчистувањето на оваа жешка точка е заглавено во маѓепсаниот круг на очекување да завршат административните процеси, но и инвеститорот, конечено, да најде купувач. Немаше некои помрднувања ниту со јаловиштето на некогашниот рудник со арсен. Депониите во Лојане и Табановце не се оградени, не е пронајден ниту нов концесионер што ќе го извезе арсенот во странство, а измина цела година полна со ветувања.

Една од најгорливите жешки еколошки точки во Македонија, старото хидројаловиште на рудникот за олово и цинк „Злетово“, полно со околу 6 милиони метри кубни преполни со тешки метали, во 2023 мрдна од мртва точка. Општината Пробиштип подготвува нова урбанистичка документација која ќе овозможи санација на старото хидројаловиште, по што на тоа место се планира изградба на фотоволтаична централа.

За заокружување на 2023 година, минатиот месец ни стигнаа и најновите препораки од Бернската конвенција, повторно посветени на укинување на концесиите за малите хидроцентрали во заштитените подрачја, на заштитата на реките и биодиверзитетот и на узурпацијата и уништувањето на природните и културните богатства на Охридскиот регион. За поздравување е одлуката што Владата ја донесе во февруари лани за раскинување на концесии на две мали хидроцентрали во Националниот парк „Маврово“. Но од друга страна, Владата продолжи и со издавање на нови дозволи за изградба на вакви објекти. Веќе е докажано со повеќе анализи дека работата на малите хидроцентрали е целосно спротивна на економската и енергетската логика, но, за жал, и понатаму е дозволена со законите и сесрдно поддржана со државните политики за субвенционирање.

За одбележување е и почетокот на процесот за репрогласување на Маврово како национален парк, но по бавноста со која се одвива репрогласувањето на Матка како споменик на природата, не знаеме дали да очекуваме дека годинава и ќе биде завршен.

Очигледно е дека остануваат многу отворени прашања во сите области на заштитата на животната средина на кои ќе треба да се работи и оваа, 2024 година. Ближењето на изборите веројтно е дека ќе донесе и нови ветувања за брда и долини, но политичарите мора да разберат дека граѓаните им ги помнат сите ветени и нереализирани проекти. Свесноста кај јавноста, полека, но сигурно се зголемува, а така се зголемуваат и очекувањата за поголем ангажман и на централните и на локалните власти.

Резултатите, и тоа брзите, се тие што секогаш се бројат на крајот. Не ветувањата и идеите.

Мета