Бавното законско дефинирање на „родово буџетирање“ ја забавува родовата рамноправност

Вклучувањето на родовите перспективи во буџетскиот процес, односно родовото буџетирање директно влијае врз унапредувањето на родовата еднаквост во земјава. Родовото буџетирање во Северна Македонија е дефинирано преку Законот за еднакви можности, а истото се имплементира преку претходно постоечка стратегија за негово воведување, пишува Мета.

Стратегијата за воведување на родово буџетирање како национален документ постои од 2012 година, но родовото буџетирање сè уште не е уредено во Законот за буџетите. Имено, Национална стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година сѐ уште не е донесена.

Во новиот извештај од Државниот завод за ревизија се наведува дека поради не дефинирањето на поимите родово буџетска изјава/иницијатива, родови индикатори и родови цели во Законот за буџетите, не може да се направи родова анализа на буџетските програми и под програми.

Недостаток за поимно дефинирање

Во 2019 година Министерството за финансии воведе Образец за родово буџетска иницијатива. Според доставената документација за 2021 година, само 13 буџетски корисници пополниле и испратиле ваков образец.

Нацртот за Предлог законот за буџети беше составен во 2020 година. Согласно извештајот „Ефективност на мерките на владата на Република Сверна Македонија за родова еднаквост и соодветни родови буџетски иницијативи“, во предлог Законот за буџетите не се дефинирани поимите родово буџетска изјава/иницијатива, родови индикатори и родови цели. Овој предлог-закон беше разгледан и усвоен од Владата и истиот треба да важи од 01.01.2023 година.

„Доколку се воведат измени на буџетскиот циркулар истите ќе овозможат буџетските корисници на централно ниво да подготвуваат родово буџетски иницијативи за нивните буџетски програми“, стои во извештајот.

Според извршениот ревизорски увид, реализирањето на буџетски иницијативи би влијаело врз жените и мажите и со тоа би се придонело кон имплементација на Законот за еднакви можности на жените и мажите.

Родово буџетирање преку родово буџетска изјава во периодот 2017-2020

Со родовата буџетска изјава од Министерството за Економија избрана е под програма за поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија и занаетчиство од која се избрани неколку мерки, односно:

Бројот на жени апликанти во занаетчиството бележи тренд на зголемување во периодот 2018-2020 година.

Состојбата во женско претприемништво за што може да аплицираат исклучиво претпријатија во сопственост и управувани од жена.

Во однос на третата и последна мерка – кофинансирање на проекти за развој и поддршка на мали и средни претпријатија и промоција на претприемништвото, ревизијата покажува дека во 2017 година одобрени биле апликации од 13 жени и 11 мажи, а бројката бележи пад по пандемијата кога нема ниту една одобрена апликација.

Уредување на Предлог законот за буџети во пракса

„За успешно исполнување на заложбите за родова рамноправност, преку родовото одговорно буџетирање, потребно е активно учество од страна на сите релевантни институции – Владата и ресорните министерства, Парламентот, локалните самоуправи и градските совети, државниот ревизор, граѓанското општество и академската заедница“, пишува во ревизијата.

Собранието на РСМ е во функција да го анализира степенот на родово одговорно буџетирање. Согласно досегашната пракса, како што укажува извештајот, предлогот на Буџетот на РСМ кој се доставува до Собранието од страна на извршната власт, не содржи пропратни документи како што се родовите буџетски изјави.

Оттука, со доставување на предлог буџетот и буџетска документација, треба задолжително да се доставуваат и родово буџетските изјави/иницијативи.

За тоа, Државниот завод за ревизија упатува препорака до Министерството за финансии за доуредување и прецизирање на предлог Законот за Буџетите и дефинирање на поимите родово буџетска изјава/иницијатива, родови индикатори и родови цели.

Мета