Министерствата и општините поседуваат вкупно 2.645 автомобили, од кои 2.008 се со набавна вредност од 33 милиони евра, додека за 637 патнички возила институциите немаат или не доставиле податоци за набавната вредност. Министерствата имаат 2.215 возила вредни 27,2 милиони евра, додека општините имаат 430 возила во вредност од 5,7 милиони евра, покажа новобјавената база на отворени податоци, направена од Центарот за граѓански комуникации. Базата содржи детален приказ за сите возила што ги поседуваат Владата и општините во земјава (Пристап до базата на податоци ОВДЕ).
Убедливо најмногу возила поседува МВР – 1.559, односно 70% од возилата на министерствата. Следни се Одбрана со 142 возила и Земјоделство со 108 возила. Кај општините води Град Скопје со 36 возила, следен од Карпош со 16 и Кичево со 14 возила.
И централната и локалната власт најмногу возат Шкоди, Фолксваген и Форд. Сепак, сите пет најскапи возила се Мерцедеси купени од министерствата за внатрешни работи (572.780 евра), за надворешни работи (81.301 евра) и за финансии (76.768 евра), како и општините Свети Николе (77.839 евра) и Кавадарци (70.075 евра).
Просечна цена на купените патнички возила е 16.690 евра кај Владата и 15.051 евра кај општините. Просечна старост на возилата е 12,5 години. Најмлад возен парк имаат министерствата за локална самоуправа и за животна средина, во просек по 8,5 години, додека најстари возила имаат министерствата за правда и за информатичко општество, просечно по 16 години.
Во однос на бројот на возила спрема бројот на вработени, произлегува дека најмалку возила по вработен има Општина Дебар, а најмногу Општина Арачиново. Во Дебар, едно возило опслужува 61 вработен, а во Арачиново само 2 вработени.
Оваа база на податоци содржи 15.870 поединечни податоци за возилата – сопственик, марка и модел на возилото, кога е произведено, а кога е набавено и набавната вредност. Центарот за граѓански комуникации ги обезбеди изворните податоци преку барања за пристап до јавни информации доставени до 97 институции. Беа потребни повеќе од три месеци само за да се приберат информациите. Обработените и процесираните податоци се направени достапни во отворен формат за натамошна употреба.