Базар на македонски мали еко-бизниси во „Бистро Комедија“

Биоразградливи хулахопки, накит од рециклирана пластика, облека од втора рака и природни материјали, житни цевки за пијалаци, освежувачи за простории од кора од портокал се само дел од македонските иновативни и еколошки производи кој ќе бидат претставени на еко-базарот, кој ќе се одржи во сабота, 21 октомври во „Бистро комедија“.

Со почеток во 12 часот напладне, на базарот во организација на Здружението за еколошка едукација и одржливо живеење Yes for Less и скопската Europe house, ќе бидат претставени околу 20 македонски еко бизниси како Пура Перла, Игнеа, Еко восочни обвивки, KVembroidery, Mирјана Јосифоска, Април 22, О-круг, Креместаре, Уна, Candlenest, Bilkilife, Ellie Art, Ормарче, Органаутс, Втор живот, Натура тиби, Sunilens, Контура, а свој диџеј сет ќе има и DJ Chvare.

„Целта на настанот е запознавање со овие бизниси кои секојдневно придонесуваат кон одржливиот развој во нашата држава, промоција на еколошките алтернативи кои ги нудат во замена за стандардните производи кои секојдневно ги користиме, и со тоа подигнување на еколошката свест и позитивното влијание кои овие бизниси го имаат“, велат организаторите.

Во рамки на настанот, за сопствениците на бизнисите ќе биде одржана и работилница на тема “Еколошки бизниси: комуникација и пристап до потрошувачите”. Одржувањето на оваа работилница е во склоп на 2023 како годината на вештините и октомври како месецот за поддршка на малите локални бизниси. Предавач и водич ќе биде Игор Мишевски – претприемач, инвеститор, експерт за развој на пазарни системи, а целта на работилницата е сопствениците да ги подобрат продажните вештини со што би можеле да допрат до што повеќе луѓе, вклучувајќи ја и не толку еко-свесната публика.

„Јуроп хаус Скопје ја поддржува мисијата на Yes for Less за креирање на мрежа на локални еколошки бизниси кои што на свој начин придонесуваат за одржливиот развој во државата, како и вмрежување на поединци, бизниси и организации со цел заедничко делување за заштита на животната средина. Еко заедницата која Yes for Less ја има изградено во последниве 3 години е главниот двигател на целата оваа приказна.  Идејата на двете девојки Сара и Катерина е да се видат и научат добри примери и еколошки практики од европските држави каде тие моментално живеат, но да се адаптираат и имплементираат локално со што би се влијаело тимски и едукативно во нашата земја“, посочуваат организаторите.