Жени во Сирија биле сексуално експлоатирани од мажи кои ја дистрибуираат хуманитарната помош на Обединетите Нации и другите меѓународни добротворни организации, дознава ББЦ.
Хуманитарни работници сведочат дека мажи разменуваат храна за сексуални услуги. И покрај предурпедувања за вакви злоупотреби од пред три години, нов извештај покажува дека оваа пракса продолжува на југот на земјата.
Агенциите на Обединетите Нации и добротворните организации соопштиле дека нема никаква толеранција за експлоатирањето и дека не биле запознаени со никаков случај на злоупотреби од страна на партнерските организации во тој регион.
Според хуманитарните работници кои зборувале за ББЦ, сексуалната експлоатација е толку раширена што дел од жените во Сирија одбиваат да одат до дистрибутивните центри бидејќи луѓето претпоставувале дека тие ги нудат своите тела за помошта која би ја носеле дома.
Еден работник објаснил дека некои од хуманитарните агенции свесно „замижуваат“ на оваа злоупотреба бидејќи користат локални служби и посредници како единствен начин да достават помош до опасните делови од Сирија, каде што меѓународните организации немаат пристап.
Фондот за население на Обединетите Нации (УНФПА) спроведе проценка на родово базираното насилство во регионот за минатата година и во заклучоците наведува дека во повеќе сириски провинции постои праксата на хуманитарната помош која се менува за секс.
„Имало примери на жени и девојки кои стапуваат во брак со службеници за краток период за „сексуални услуги“ како начин да добијат храна. Дистрибутери кои бараат телефонски броеви од жените и девојките, транспортирајќи ги до нивните домови „за да добијат нешто за возврат“ или спречувајќи ја дистрибуцијата „во замена за домашна посета“ или за „размена на услуги“, како што е поминување ноќ со нив“, се наведува во извештајот.
Дополнително е посочено дека особено ранливи на ваквата сексуална експлоатација се жените и девојките без машки заштитници, како вдовици и разведени и женските внатрешно раселени лица.