Платформата за граѓанска политика „Ајде“ најавува протестен марш во вторник (15 март) кој ќе започне пред Владата на Република Македонија, а ќе заврши пред Уставен суд.
Од „Ајде“ соопштија дека пред судот ќе останат цела ноќ за симболично да бдеат над Уставот бидејќи во среда (16 март) наутро е закажана нова седница на Уставниот суд. На неа се очекува да биде разгледува иницијативата за укинување делови од Законот за помилување, кои забрануваат Претседателот на државата да помилува осуденици за изборен криминал и други тешки кривични дела.
„На ваков начин ние, граѓаните, решително и бескомпромисно ќе им порачаме на уставните судии: Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски дека мора да ја поништат одлуката за помилување и дека мора да си поденесат оставка. Тие се „гробари“ на Уставот и соучесници на власта во изборните кражби, затоа што причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“ е повеќе од очигледна“, велат од „Ајде“.