Во Македонија хип хоп танцот може да биде само хоби

Млади, весели, енергични. Такви се членовите на македонската танчерска хип хоп група  Beatrix Crew. Велат, во светот од танцот вистински се заработува,  но кај нас ова за многу млади е само хоби и задоволување на сопствените амбиции. Не е тешко да се најдат талентирани луѓе желни за успех, но тешко е кога ќе побараат помош и подршка за својата работа, забележуваат овие танчери.

Beatrix Crew: Во Македонија танцот може да биде само хоби

„Сметаме дека на нашиве простори не е посветено доволно внимание на танцот. Иако одредени дисциплини се во подем, последниве неколку години, недоволната афирмација на танцот придонесува заинтересираноста да опаѓа. Општо, во нашата држава бројот на талентирани уметници е во диспропорција со експонираноста на нивните дела, во било која област. Дефинитивно потребна е поголема поддршка од државата на било кој начин, “ велат од Beatrix Crew.

Не е лесно да се биде танчер во Македонија, забележуваат членовите на оваа група, посебно кога треба да се најдат пари за некој настап.  Тие се обезбедуваат преку спонзорства или почесто од сопствениот џеб или од родителите.

„Многу често сме имале проблем со учеството на натпревари и други случувања надвор од државата, околу финансискиот дел. Тоа е така бидејќи кај нас реално е многу тешко да се дојде до спонзорство, иако сметаме дека уметноста и спортот треба да бидат најподржувани во тој поглед, бидејќи никој подобро не би ја претставил државата надвор од група талентирани луѓе. И покрај тоа што сме упорни и постојано бараме спонзорства од одредени институции и фирми, во 99% од случаите тие трошоци паѓаат на нас,“ вели Ивона Попчевска, член на хип хоп групата.

Beatrix Crew: Во Македонија танцот може да биде само хоби

Beatrix Crew има седум редовни членови кои веќе освоија први места на натпреварите како Greece Open, Jagodina Open, Novi Sad, ESDU. И покрај бројните успешни соработки и учеството на Евровизија во 2011, како придружба на тогашниот македонски претставник, Влатко Илиевски, за нив најдрагоцено искуство останува настапот како предгрупа на светски познатата пејачка – Eve, во Приштина.

„Ние танчерите вложуваме многу време, енергија и финансии, за постојано да го правиме она што не исполнува. Но за разлика од овде, во светот, вредноста на тоа што се враќа е огромна. Додека во другите држави може да се живее од танцот како професија, овде тоа претставува само хоби, и ќе остане се додека не успееме да го издигнеме танцот на едно повисоко ниво,“ велат од Beatrix Crew.

Наталија Јосифоска