Светски познатиот тенисер Новак Ѓоковиќ веќе трет ден се наоѓа во Австралиски центар за притвор на имигранти, откако при пристигнувањето во земјата му беше откажана визата. Спортистот тврдеше дека добил дозвола за ослободување од вакцинација за Ковид-19 пред да лета за Австралија. Но, граничните сили го забранија неговиот влез, велејќи дека тој „не успеал да обезбеди соодветни докази за да ги исполни условите за влез“, пишува „Ал Џазира“.
Како резултат на тоа, Ѓоковиќ сега се наоѓа во хотелот Парк во Мелбурн, познат и како Алтернативно место за притвор (АПОД) за бегалци и баратели на азил. Многу од бегалците во хотелот се сместени таму речиси три години, откако на неодредено време им биле одбиени визите за Австралија бидејќи во земјата пристигнале со брод.
Тие сега го повикуваат Ѓоковиќ преку неговиот статус на славна личност да ја расветли нивната ситуација и да се залага за нивната слобода.
„Ова е моментот кога светот може да види како се однесуваат кон нас“, рече Џамал, бегалец кој се наоѓа во хотелот Парк веќе една година. Тој дошол во Австралија со брод во 2013 година и неговиот статус останува нерешен повеќе од осум години по неговото пристигнување.
Амин Афрави пак кој се наоѓа во посебен центар во Бризбејн, рече дека Ѓоковиќ има можност да им помогне на бегалците да се борат за својата слобода.
„Мојата порака до него е да проговори… и да ги охрабри другите луѓе, другите земји, неговата земја и секој еден од медиумите да продолжат да зборуваат за нас“, рече Афрави.
Притворениците се жалат на условите за живот во хотелот, но и дека „немаат никаква слобода на движење“.